Кандидатот на десно-центристичкиот блок Марсело Робело де Соуза, победи на вчерашните претседателски избори во Португалија.
Де Соуза освои 52 отсто од гласовите, што е сосема доволно за победа уште во првиот круг од изборите.
Гласачите требаше да се определат меѓу десет кандидати, најмногу во досегашната политичка историја на земјата.
Најблискиот конкурент на Де Соуза, кандидатот на блокот левоцентристички и левичарски партии, Антонио Сампајо да Новоа, доби подршката на 22 отсто од Португалците.
Претседателот на Португалија има главно церемонијална улога во домашната политика, но според Уставот на земјата, тој може да го распушти Парламентот во време на политичак криза.
Политичките набљудувачи во Лисабон проценуваат дека лабавата левоцентристичка владина коалиција, создадена по октомвриските парламентарни избори, на кои ниту една партија не извојува апсолутна победа, не ќе може да опстане повеќе од една година, што значи дека на земјата и претстои владина криза, во чие разрешување ќе мора да се вклучи и новиот претседател.
Во политиката Марсело де Соуза (67) е уште од младоста и тој е еден од основачите на португалската десноцентристичка Социјална демократска партија (ПСД).
Новоизбраниот претседател ќе го наследи досегашниот шеф на државата, Анибал Кавако Силва, конзервативен политичар, кој во два наврати едно по друго, беше избиран на функцијата.