Активистот за човекови права од Шведска, Питер Дахлин, кој се наоѓа во кинески затвор, се појави на кинеската телевизија „признавајќи“ дека делувајќи со својата група активисти, ги „прекршил“ законите во НР Кина.
Дахлин е во притвор од почетокот на јануари, откако беше уапсен на аеродромот во Пекинг, кога се подготвуваше да отпатува од земјата.
Неговото апсење беше дел од операцијата на кинеските власти за прекинување на работата на активистите аа човекови права и нивните адвокати.
Државните кинески медиуми тврдат дека Дахлин и неговата група за заштита на човековите права „примале пари од странство„ со цел за да „предизвикаат конфузија„ и да обезбедуваат информации кои ќе служат за „правење нереди„.
Невладината група „Кинеска акција“ што ја има создадено шведскиот активист ги отфрли сите вакви обвинувања и категорично е против тврдењето дека групата дејствувала противзаконски.
Според групата, обвинувањата на кинеските власти, изнесени во државните медиуми, се „апсурдни“ а дека „признанието“ на Дахлин е изнудено.
„Кинеска акција„ делува така што обезбедува директна правна помош во случаи на повредени човекови права о на оние кои настојуваат тие права да се почитуваат, а соработува и со правници кои им даваат правна помош на луѓето кои живеат во руралните средини.
Кинеската агенција „Хсинхуа“ објави дека полицијата успеала да го прекине дејствувањето на „илегална организација„ која настојувала да ја доведе во опасност безбедноста на државата.
Странските набљудувачи во Пекинг проценуваат дека апсењето на Дахлин е сосема непотребно, затоа што ако сакале да го протераат властите можеле само да му ја укинат визата за престој.Се верува дека целта била да се прекине работата на групата, како и да и се покаже на домашната јавност дека Западот се меша во секторот на човековите права.