Најмалку 23 лица се убиени во напад на припадници на терористичката организација Ал Каеда во исламски Магреб врз хотелот „Сплендид“ и околните згради во главниот град на Буркина Фасо, изјави денеска претседателот Рох Марк Кристијан Каборе.
Во контра нападот, спроведен од страна на безбедносните сили на Буркина Фасо, е убиен и четврти џихадист, изјави припадник на националната полиција, додавајќи дека тој е убиен во хотелот „Јиби“ во близина на „Сплендид“.
Министерот за безбедност Симон Компаоре претходно соопшти дека се ослободени 126 лица, вклучително и најмалку 33 повредени, додека се ликвидирани тројца џихадисти, еден Арап и двајца Африканци.
Одговорност за нападот презема групата „Ал Каеда“ од исламски Магреб, порачувајќи дека тоа е освета на Франција и неверниот Запад.
Францускиот амбасадор во Буркина Фасо Жил Тибо, соопшти дека во главниот град е воведен полициски час, како и дека во амбасадата е формиран кризен штаб за своите граѓани во земјата, која е поранешна француска колонија.