„Македоника литера“ објави собрани дела во два тома од писателот за деца Горан Б. Стојаноски (1966-2010). Првиот том е насловен „Дивата убавица“ и содржи три романи – сказни: „Дивата убавица“, „Вилар“ и „Доживувањата на Геге супер Геге“, а во вториот том, насловен „Џуџести и други необични сказни“ се вклучени другите три книги кои содржат по триесет до четириесет помали сказни: „Џуџести сказни“, „Трпкавица в ногавица“ и „Шумски сказни“.
– Тој е автор на шест книги наменети за деца од помала возраст и сите шест беа одлично прифатени од младите читатели. Сказните ги гради со необични приказни, а често и со необични ликови, а во неговите книги доминантна е вечната и никогаш непрекината борба помеѓу доброто и злото, при што секогаш преовладува доброто. Освен фантастичните и надреалните настани, авторот повремено раскажува и по некоја хумористична сказна. Покрај необични случувања препознатливи за детските светови, авторот детето го воведува и во димензиите на паралелното живеење на разните суштества со човечка форма, информира „Македоника литера“.
На крајот на вториот том е објавен и поговор за сите дела од Горјан Петревски, а книгите се илустрирани со цртежи на Благојче Наумоски и Ленче Тосева.
Горан Б. Стојаноски е автор и на повеќе детски радиодрами, на сценарија за документарни радио и телевизиски емисии и на циклус од десетина радиодрами работени врз народни приказни од Кичевско, а снимени со заеднички наслов „Приказни од Кичевско“. Живееше и работеше во Кичево.