Потпаролот на унгарската Влада Золтан Ковач изјави денеска дека „веројатно нема да биде возможно“ Унгарија да ги прими назад имигрантите, кои низ земјата поминале на патот кон Германија.
Според него, иако Унгарија проба да ги примени правилата на ЕУ за азил и да ги регистрира бегалците, „ние нема да ја преземеме одговорноста за развојот на случувањата по повикот на Германија за имигрантите и оние кои барат азил да дојдат преку западнобалканските рути“.
Ковач додаде и дека рекордниот број на имигранти во 2015 година покажува дека системот за регистрација на имигрантите во ЕУ е „мртов“.
Унгарскиот владин потпарол ги отфрли критиките на сметка на унгарската процедура за барање азил, образложувајќи дека Унгарија применува „многу строги правила“ бидејќи Европа се соочува „не со бегалска криза, туку со криза на масовна имиграција“.
Унгарија одобри 502 барања за азил во 2015 година, а притоа 90 проценти од 177.135 лица кандидати за азил ја напуштиле земјата пред барањата да бидат решени.