Велика Британија ја разгледува можноста за распоредување на воени авиони Еурофајтер во областа на Персискиот Залив во услови на растечки тензии во текот на евентуална војна меѓу Израел и Иран поради општата криза по арапската пролет. После разговорите со владетелите на Обединетите Арапски Емирати, британскиот премиер Дејвид Камерон наскоро би можел да најави таква можност, пишува “The Independent”.
Авионите ќе бидат распоредени на Ал Џафра, базата која се наоѓа јужно од главниот град Абу Даби, каде што веќе се распоредени американски и француски воени авиони. Се уште не е јасно, кој ќе ја плати цената на одржување на авионите. Добро е познато дека трошоците за француските Мираж авиони чија цена за одржување изнесува меѓу 20 и 45.000.000 евра е на товар на Обединетите Арапски Емирати.
Веста се совпадна со посетата на водечките израелските политичари по европските земји. Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак во моментов е во Велика Британија, каде што, освен со водечките политичари се сретна и со високи воени лица. Тој рече дека е свесен за плановите за распоредување на воени авиони во регионот со што во потполност се согласува.
Барак во интервју повтори дека Израел еднострано ќе ги нападне иранските нуклеарни објекти кога ќе почувствува потреба да се спречи Иран од правење на нуклеарна бомба, но додаде дека до таков напад нема да дојде пред пролет или лето идната година.
Западните сојузници на Израел, вклучувајќи ја Велика Британија и САД се обидуваат да ги зауздаат амбициите на израелската армија истакнувајќи дека штетите од економските санкции против Иран имаат ефект, особено откако се насочени кон нафтената индустрија на Иран.
Техеран, од друга страна и покрај санкциите му пркоси на Израел и западните сојузници повикувајќи се на правото за развој на цивилна нуклеарна програма и ги отфрли сите обвинувања дека користи цивилни објекти за претворање на резервите на збогатен ураниум во оружје.
Од Министерството за надворешни работи на Велика Британија, изјавија дека одлуката да испратат воени авиони во областа на Персискиот Залив нема никаква врска со растечките тензии на релација Тел Авив – Техеран.
“Имаме заеднички интереси со нашите партнери од Персискиот Залив, со цел да се зачува мирот и стабилноста во регионот, а овие вежби ни овозможуваат да развиеме подобра соработка”, рекоа од британското Министерство за надворешни работи.
Воените авиони веројатно се испраќаат со цел дополнително да се обезбеди стратешки важниот Ормутски теснец, главниот морски пат за транспорт на нафтата, кој Иран се закани дека ќе го блокира ако биде нападнат. Британските власти сметаат дека треба да бидат подготвени во случај на непредвидени ситуации, но ја фаворизираат борбата со санкции наместо воената интервенција.
Велика Британија е веќе во голема мера присутна во Персискиот Залив со неколку воени бродови и една нуклеарна подморница. Нејзиниот главен сојузник САД, исто така, има голема воена сила распоредена во регионот.
Со трите американски носачи на авиони во изминатата година е зголемен и бројот на т.н. “чистачи на мини”, а воздухопловните сили расподелија дополнителни ловци бомбардери F22 и F15C кои можат да достигнат до иранскиот воздушен простор.