За пратениците во Собранието на Република Македонија денеска е прв работен ден во 2016 година. Како подготовка за сесијата на Парламентот закажана за в понеделник, денеска седници ќе одржат седум комисии. Ќе заседаваат комисиите за здравство, за економски прашања, за прашања на изборите и именувањата, за труд и социјална политика, за транспорт, врски и екологија, за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.
Комисијата за здравство ќе одржи јавна расправа за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, а потоа ќе одржи седница на која ќе бидат разгледани измените и дополнувањата на Законот за здравствената заштита, во второ читање, Предлог на закон за изменување на Законот за заштита од пушењето, во прво читање чии предлагачи се пратениците од опозицијата и предлог – законите за медицинските сестри и акушерките и за слободните здравствени зони, двата во прво читање.
Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, во прво читање, е на дневен ред на Комисијата за економски прашања.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска треба да донесе одлука за избор на претседател, потпретседател и членови на Анкетната комисија за скандалот со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и други долкументи. Исто така на оваа седница треба да бидат утврдени предлог одлуки за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија и за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието за соработка со парламентите на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието на Република Македонија за соработка со парламенти на други држави.
Четиринаесет точки на дневниот ред има Комисијата за труд и социјална политика. Членовите на оваа Комисија треба да ги разгледаат измените и дополнувањата на Законот за упатување работници од Република Македонија во други држави за изведување на градежни работи преку проектни договори и за вршење на други сезонски работи, на Законот за агенциите за привремени вработувања, измените и дополнувањата на Законот за мирно решавање на работните спорови, измените и дополнувањата на Законот за работните односи, измените и дополнувањата на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, измените и дополнувањата на Законот за безбедност и здравје при работа, измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, измените и дополнувањата на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, измените и дополнувањата на Законот за употреба на знаковниот јазик, измените и дополнувањата на Законот за социјалната заштита, измените и дополнувањата на Законот за инвалидски организации, измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, измените и дополнувањата на Законот за вработување на инвалидни лица и измените и дополнувањата на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, сите во прво читање.
Предлог – законите за дополнување на Законот за градење и на Законот за градежно земјиште, двата во прво читање се на дневен ред на Комисијата за транспорт, врски и екологија.
На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се Предлог на закон за дополнување на Законот за административни службеници, во прво читање, чии предлагачи се пратеници од опозицијата.
Ќе заседава и Законодавно – правната комисија на која на дневен ред се 24 закони.