Во присуство на голем број верници денеска на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје се одржа традиционалното 24. по ред одбележување на големиот христијански празник Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во својата беседа до скопјани и до сите добронамерници изјави дека празниците се прилика за духовна смотра и можност за преиспитување на себеси колку ја живееме христовата порака, колку постапуваме по законите и заповедите на Светата црква, и дали знаеме што всушноат празнуваме и како треба да празнуваме. Тој со порака дека токму во вербата во Бога треба да ја бараме потребната радост и да го гледаме излезот и од најтешките ситуации.
– Гледајќи што на народите им се случува веројатно некој се прашуваат како да празнуваме денес, како да живееме во иднина. Светиот Апостол Павле дал одговор и за ова наше време порачувајќи, радувајте се секогаш во господ и пак ви велам радувајте се, а Свети Апостол Јован додава таа ваша радост во господа никој неможе да ви ја одземе. Тоа значи да веруваме дека и во најтешките времиња бог промислува за луѓето. Со доаѓањето на синот божји во светот бог постојано се раѓа во човечките души па и во ова наше време да веруваме ќе испрати нова надеж, нова љубов, нови добротворства. Токму во него во господа треба да ја бараме потребната радост и да го гледаме излезот и од најтешките ситуации. Деновите и времињата што ги живееме се ништо во споредба со вечноста кон која треба да се стремиме творејќи дела што траат и остануваат и во меморијата на луѓето и народите и пред бога, порача поглаваратот на МПЦ-ОА.
Денес на Бадник подготвувјаќи се за утрешнит Божик, додаде, со побожност и духовен трепет да пристапиме кон најголемата тајна на светот и човекот за да можеме вистински да го доживееме настанот и радосно да го прославиме празникот на Христовото рожденство молејќи го богомладенецот за нова надеж и полна радост во нашите семејства и меѓу нашиот народ за мир и добра волја меѓу народите.
Годинашниот здравичар, македонската поп легенда Драган Мијалковски празникот на присутните им го честита со песната „Коледе и Бадник“ специјално подготвена за оваа пригода, со стиховите „радувај се мој народе што имаш Господ свој, во арно и во зло за нас ќе најде чаре тој. Радувај се мој народе што го славиме за здравје и за бериќет да нздравиме“.
Здравје, среќа и успех во животот на граѓаните им посака и празникот им го честиташе и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, – Да посакам мир во душата, мир во семејството и разбирање меѓу нас. Да ни биде бериќетна 2016 година со многу добри дела и со многу радост да не исполни како што не исполни 2015-та, рече Трајановски.
Прославата заврши со кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие, како и со предавање на ќупот на новиот кум-бадникар стопанствениот Илија Малинковски – Ики. Тој потоа заедно со семејството замина од пред платото на Соборниот храм со пајтон, симболот на старото Скопје.
Прославата продолжи со пригодна музичка програма. На собраните верници и други гости им се делеа осветена нафора, чај и ракија, како и бадникарски гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно.
Бадниковото празнување е во организација на здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“.
Во пресрет на Бадник, синоќа во скопските маала и во другите населени места во Македонија се одржаa народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, Рождеството Христово го најавија децата коледарчиња.
Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува Бадник и Божик – празник матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година.