Пукотници и експлозии се слушаа денеска во воздухопловната база Патанкот во северна Индија, еден ден откако базата беше цел на напад на екстремисти.
Висок претставник на индиската Влада изајви дека индиската војска и натаму се бори со најмалку двајца вооружени напаѓачи во тој објект во близина на границата со Пакистан.
Министерот за внатрешни работи Раџив Мехриши изјави дека осомничените екстремисти „се ставени во ќош“ и изрази очекување дека наскоро ќе бидат неутрализирани.
Во нападот на неидентификувани екстремисти врз базата Патанкот, кој почна вчера изутрината досега се убиени четворица напаѓачи и седуммина индиски војници. Нападот се смета за обид да се осуети неодамнешното подобрување во односите меѓу Индија и Пакистан.
Претставникот на индиските воздухопловни сили Аник Косла изјави во Њу Делхи дека областа околу базата не може да се прогласи за сосема безбедна, како и дека операцијата за обезбедување продолжува.
Индиските власти соопштија дека напаѓачите во маскирни униформи успеале вчера да влезат во базата, а потоа почнале да пукаат на се околу себе.
Тие до базата стигнале со полициски автомобил, кој го украле, што е тактика, која и претходно е користена при напади.
Според шефот на полицијата во Пенџаб, Суреш Арора се верува дека нападот го извршиле екстремисти обучени во Пакистан.
Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот, кој се случи една недела откао индискиот премиер Нарендра Моди допатува во ненадејна посета на Пакистан, каде се состана со пакистанскиот колега Наваз Шариф во обид да ги обнови билатералните разговори, кои и претходно беа осуетени со напади на екстремисти.