Галеријата „Остен“ денеска ќе отвори изложба на сатирични слики на стакло од Мице Јанкуловски, директор на „Остен“.
Авторот ќе се претстави со циклусот слики со сатирична содржина, создадени во 1980-тите години, изработени во интересна и ретка техника – масло на стакло.
Јанкуловски (Сливово, 1954) се занимава со сликарство, карикатура и анимиран филм и ја негува специфичната техника на сликање на стакло. Има реализирано 40 самостојни изложби во Македонија и низ светот и е добитник на 12 домашни и меѓународни награди и признанија.
Воедно, „Остен“ денеска напладне ќе го промовира и своето издание „Визуелните уметности во Македонија – 20 век“, книга 1: сликарство, скулптура, графика.
Се работи за преглед на современата уметност во Македонија, претставена во монографски формат. Автори на текстовите се Соња Абаџиева и Емил Алексиев. Книгата ќе ја промовира академик Богомил Ѓузел.