Полскиот претседател Анджеј Дуда ги потпиша денеска измените на Законот со кои се реформира работата на Уставниот суд и покрај масовните протести поради промените за кои опозицијата тврди дека ја загрозуваат независноста на Судот.
Дуда го потпиша контроверзниот Закон четири дена откако беше усвоен во Парламентот.
Согласно измените Уставниот суд ќе мора одлуките да ги одобрува со двотретинско мнозинство, наместо со просто мнозинство како што беше досега.
Измените стапуваат во сила по помалку од еден месец откако Дуда именуваше четири нови судии во тој Суд.
Уставниот суд и опозицијата тврдат дека законските измени ќе ја поткопаат поделбата на власта, ќе го отежнат оценувањето на законите и ќе го парализираат работењето на највисокото правосудно тело.