Голем број грчки државјани на последниот ден пред прославата на Божик ја посетија Гевгелија. Уште од раните претпладневни часови тие почнаа да пристигнуваат со автомобили и автобуси и ги преплавија маркетите, бутиците, кафулињата, бензинските пумпи и пазарот каде денеска ги имаше повеќе од локалните жители.
Повеќето доаѓаа од пограничните места, но имаше и од Солун, Килкис, Едеса, Лариса и од Атина. Како што велат, дошле во Гевгелија да се снабдат со потребните намирници што ќе ги изнесат вечер на Бадниковата трпеза, но и да купат по некој подарок за најблиските.
– Гевгелија ја запознав пред две години кога доаѓав на забар. Градот и луѓето многу ми се допаднаа. Живеам во Јаница и ја користам секоја прилика да дојдам да пазарувам и да се напијам кафе во убавите кафулиња. Денеска од пазар купив ореви, лешници и бадеми кои се многу поефтини од кај нас, рече Јоргос Стефанидис.
Лица Димитриу од Гуменџа вели дека многу често доаѓа во Гевгелија. Не оти е блиску, како што вели, туку оти во овој период од годината пазарот е богато снабден и многу е поефтин. За парите што ги трошам на пазарот во Гевгелија, кај нас не можам да купам три килограми лешници, рече Лица.
На заминување кон дома редици од грчки автомобили се создаваат на бензинските пумпи.
– Тука точам дизел за помалку од евро за литар, што кај нас не може да се замисли. Еднаш неделно доаѓам од Солун да го наполнам резервоарот. Заштедата од триесетина евра не е мала, рече Андонис Јоанидис.