Трпеноски: Криминалот со лични карти во МВР е поголем од објавениот во „Фокус“

Од:

Поголем прекршок е тоа што се случувало во Министерството за внатрешни работи, каде вчера беше потврдено дека незаконски се издавале лични карти на лица кои не живеат во Македонија. Овие лични карти биле употребувани за изборни цели затоа што фигурираат во избирачкиот список, многу закони се тука прекршени, вели новинарот Горан Трпеноски од „Вест“, кој се кандидираше за експерт во Државната изборна комисија.

Трпеноски смета дека станува збор за две различни афери со лични карти. Едната е за оние кои МВР незаконски ги издавало, а другата, за личните карти кои ги објави неделникот „Фокус“, а кои ги фалсификувале лица веќе познати за полицијата. За него несомнено првата афера е посериозна од втората. Личните карти што ги издавало МВР се оригинал, вели тој, но незаконски издадени, за разлика од фалсификатите што ги доби „Фокус“.

-Најбитно е ова со личните карти, незаконски издавани од МВР, што министерот Спасовски го потврди. Тие се пуштени во промет и учествувале во изборите. Ова е поголем прекршок и е предмет за истрага и во ДИК и во МВР. Тука многу закони се прекршени. Пред се треба да се има предвид дека многу лица лажно гласале. Инвовлираните треба да бидат казнети за кршење на законите и за кривични дела против изборите. За некои од тие дела предвидени се и затворски казни. Тука имате фалсификување документи во самата институција. А работата може лесно да се расчисти доколку има волја за тоа – вели Трапеноски.

За да издаде МВР лична карта, објаснува тој, потребно е пред се лицето да има решение за живеалиште. Тоа се добива откако лицето ќе пополни образец со барање во МВР, а потоа служби на Министерството проверуваат дали лицето навистина живее на таа адреса. Очигледно повеќе инстанци учествувале во криминалот со кои јавноста беше запознаена за време на последните локални избори и во кои значјна улога одиграа гласачите од Пустец. Според Трпеноски треба да се провери кој се бил вмешан, кои службени лица ги издавале личните карти и дали е одговорен некој началник во МВР.

Како и да е, посочува тој, по прес конференцијата на Спасовски, од ВМРО-ДПМНЕ не пристигна никаква реакција во медиумите. Од друга страна, од таму инсистираат на аферата објавена во „Фокус“.

-Чудно е што МВР трапаво реагира и за едната и за другата афера. Дали го местат Спасовски, затоа што ситуацијата во МВР е сега многу комплицирана? Имаме таму министер од опозицијата, а се околу него е под контрола на власта. И двата случаи треба до крај да се расчистат. Но во тој со личните карти објавени во „Фокус“ има многу сомнителни моменти. Станува збор за акција за дрога и одеднаш улетува човек кој се бави со фалсификати. Интересно е тоа што премиерот инсистира овој случај да се расчисти, Антонио Милошоски два-три пати претходно излезе на прес конференција со апели до Спасовски, а до министерот беа поставени и пратенички прашања. Од тука веднаш се гледа дека нешто не е во ред, зошто овие толку инсистираат да се расчисти. Едно од лицата кои се осомничени, пак, познато е дека тоа го прави десетина години наназад. Во 2006-2008 година се пишуваше за него дека фалсификува бугарски пасоши и шенген визи за потребите на различни луѓе – вели новинарот.
Во медиумската битка, додава тој, очигледно Спасовски губи, затоа што поголем дел од медиумите се под контрола на власта.

Тоа се покажува и деновиве каде медиумите постапуваат синхронизирано со изјавите од Владата во нападите кон Спасовски и СДСМ.

Дека МВР е под партиска контрола на ВМРО-ДПМНЕ се покажа во објавените прислушувани разговори. Поранешната министерка, Гордана Јанкуловска, самата го нарече Министерството МВРО и јавноста слушна дека просториите биле употребувани како штаб на партијата.

Сепак, Трпеноски смета дека МВР има капацитет да ги расчисти случаите затоа што, вели, таму се вработените и професионалци, а не само партиски луѓе.
Инаку случајот со личните карти кои МВР незаконски ги издавало, го презеде специјалното јавно обвинителство.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Кривична за екс директорот на затворот во Струмица: Пуштал да се шетаат затвореници кои немале право на привилегии, манипулирал со документацијата

МВР бара помош од граѓаните: Кој има информација за Марк Јорис веднаш да не алармира

Претрес во Штип, пронајдена дрога

Предраг Петровиќ

МВР уапси двајца крадци кои краделе домашни животни

Пуштиле осуденик на слобода зошто немало место во затвор, кривична за тројца битолски полицајци

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Кузеска: Бројни советници по кабинети, масовна партизација на грбот на граѓаните и во МВР

Горан Наумовски