Во близина на меѓународниот аеродром „Индира Ганди“ се урна авион што им припаѓал на индиските погранични безбедносни сили, јави Танјуг.
– Воениот авион се урна непосредно по полетувањето и сите 10 патници и членови на екипажот загинаа, изјави министерот за цивилна авијација Махеш Шарма.
„Многу сме загрижени што авионот се урна набрзо по полетувањето. Многу сум тажен што морам да кажам дека 10 лица, вклучувајќи го и пилотот, загинаа“, рече Шарма, пренесоа француските медиуми.
Во авионот што од Њу Делхи полетал кон Ранчи, град на истокот од Индија, се наоѓале двајца пилоти и осум инженери кои требало да поправат хеликоптер во Ранчи.
– Авионот се урнал во 9.50 часот по локално време, откако пилотот го загубил контактот со контролата на летање, рече директорот на Противпожарната служба на Њу Делхи.
Во тек е истрага за причината за несреќата.