Граѓани со маски на лицата и со транспаренти стојеа мирно пред Собранието барајќи оставка од министерот за здравство, Никола Тодоров, за време на седницата за интерпелација на Тодоров. На транспарентите што ги носеа, пишувааше „Време е за одговорност“, „Нашите животи не се твои партиски поени“, „Министер за смрт“.
На звучниците беа пуштени изјави на Тодоров во кои се правда дека не е одговорен за голем број смртни случаи во здравството.
– Излези Тодоров! И кажи пред овој народ зашто не се повлекуваш од твојата функција – министер за смрт. Не чекај да те спасат твоите сопартијци, му се обрати Огнен Јанески на Тодоров.
Овој човек има ѓон образ, овој човек нема лице, да имаше лице, ќе си дадеше оставка веднаш, немаше преку 340 денови да бараме од него оставка, од смртта на Тамара. Да е човек не е, да има совест – нема, човек кој нема совест – може да биде само убиец. Ние имаме право на живот, имаме право на здравствена заштита и ние треба да се избориме за тоа, рече Јаневски.
Пред Собранието беше поставена и картонска кутија во која луѓето собрани на протестот донираа за лекување на Теона, сестрата на ТамараДимовска и за другите болни деца на кои им е потребно итно лекување, а државата не им го обезбедува.
Протестот го организираа Граѓанската платформа „Ајде“ и иницијативата „ТодороOFF“. Иако протестот беше мирен, Собранието беше под силно полициско обезбедување, а кон демонстрантите се приклучи и пратеничката група на СДСМ.
„Мора да има одговорност за системот кој убива, наместо да лечи! Да му кажеме на Министерот „Смрт“ дека дојде времето да ја понесе одговорноста и самиот да си замине од оваа одговорна функција“, велат од гаѓанската иницијатива „ТодорОФФ“ и граѓанската платформа „АЈДЕ!
А.Б.