Владите на Австрија и Германија, кои се најпогодени од најголемиот бегалски прилив во Европа по Втората светска војна, соработуваат на изработка на план што треба да го зголеми бројот на контролни пунктови на бегалските рути, каде што бегалците ќе бидат контролирани и регистрирани.
Според претходниот договор меѓу европските држави, во Италија и Грција требаше да бидат отворени вкупно 11 контролни пункта, од кои досега се оперативни само по еден во двете држави.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, планот го откри германскиот национален координатор за бегалски прашања Петер Алтмајер во интервју за магазинот „Фокус“. Алтмаер, кој е шеф на Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел и федерален министер за специјални прашања, најави дека на овие контролни пунктови ќе треба да се носи одлука во врска со барањата за азил, што доколку бидат отфрлени, бегалците ќе бидат веднаш вратени дома.
– Оние кои ќе добијат позитивна одлука потоа ќе бидат прифатени во некоја од членките на ЕУ, според усогласената формула за дистрибуција, каде што ќе добијат статус на азиланти, изјави Алтмајер.
Австрискиот канцелар Вернер Фајмен предходно изјави дека лицата кои нема да добијат азилантски статус во рамките на европските процедури, ќе треба веднаш да бидат депортирани во земјите од каде што дошле.