Имаме планови за тоа како Армијата да се постави во одредени ситуации. Ако се укаже потреба да се активира резервниот состав, тогаш ќе се активира. Меѓутоа во овој момент работиме според актуелните планови и поставените задачи кои што АРМ во целост може да ги реализира.
Ова е одговорот од министерот за одбрана Зоран Јолевски на новинарско прашање за барањето на пензионираните генерали за активирање на резервниот состав за справување со бегалско-мигрантската криза.
Пред традиционалната средба со поранешните министри за одбрана, началници на Генералштабот на АРМ и пензионирани генерали во АРМ, Јолевски на прашањето како ја проценува безбедноста од аспект на мигрантската криза и она што се преземени активности на јужната граница, нагласи дека АРМ дава поддршка на МВР во справувањето со оваа криза врз основа на одлука на Владата од 18.август, а потоа и на Собранието на РМ.
– Имаме одредена единица во близина на Гевгелија каде што АРМ ги извршува своите задачи, а беше вклучена и во изградба на оградата која имаше цел на некој начин да се запрат нелегалните премини кон РМ и сите бегалци да идат кон одредено место каде што можат да бидат регистрирани и да продолжат кон нивната дестинација, изјави пред средбата министерот Јолевски.
Тој информираше дека се пристигнати инструментите за биометриско регистрирање, кои од МО ќе се предадат на МВР, како институција која ја врши регистрацијата на мигрантите.
Во врска со денешниот работен ручек министерот Јолевски нагласи дека ќе информира за тоа што е сработено оваа година, како се реализира планот за 2015, но и за плановите за 2016 година, за модернизацијата на АРМ, како и за тоа на кој начин да се подобри стандардот и обуките на припадниците на АРМ и за подготовките за самитот на НАТО во Варшава во јули 2016 година.
Според Трајан Гоцевски, првиот министер за одбрана на РМ, се наоѓаме во исклучително сложена состојба за одбранбениот систем и за АРМ. Тој смета дека идниот предизвик е да можеме да „избоксуваме“ следната година да бидеме поканети во НАТО и со тоа да се реализира еден од најзначајните столбови на нашата политика за национална безбедност.
– Ние досега вниманието го насочувавме кон мисиите за зачувување на меѓународниот мир, сега е дојдедно време да разговараме и за опремување и оспособување, кондиционирање на нашата Армија за да може да се справува и со одредени домашни предизвици, рече Гоцевски.