На големата сцена на Велешкиот театар синоќа концерт одржаа студентите од популарните жанрови на Факултетот за музичка уметност од Скопје.
Изведувачи беа студентите: Теодора Трајковска, Елена Миленковска, Рахаела Димитриевска, Александра Ангеловска, Маријана Тодоровска, Ивана Симовска, Ивана Стојановска, Мартин Данчев и Иван Трајков. Тие беа распоредени во два бенда со по две гитари, бас саксофон и клавир и повеќе пејачи, а настапија со популарни македонски и странски хитови.
Иван Иванов од Велес, студент на саксофон на ФМУ кој настапи во пијано изведба и беше организатор на концертот, изјави дека целта на овој едукативен концерт е да го претстават новиот популарен жанр на Факултетот за музичка уметност.
– Целта е да ги мотивираме студентите тоа што го учат да го претстават и пред публиката на сцена и воедно да ја запознаеме публиката со нашиот отсек на популарна музика кој е се поинтересен за студирање на нашиот факултет, рече Иванов.
Концертот беше промотивен во Велес во рамки на манифестацијата „Велес – Град на културата 2015“, а планираат да го изведат и во Скопје и во други градови во Македонија.