Повеќе десетина илјади луѓе се собраа денеска на улиците на Варшава во знак на поддршка на владејачките конзервативци, во време на уставна криза во Полска поради именувањето на судии за кои опозицијата тврди дека е незаконско.
Собирот следи само ден по масовните антивладини протести, што покажува на длабока поделба во земјата, што се повеќе се зголемува по победата на изборите во октомври на евроскептичката партија „Право и правда“ (ПИС).
Според ПИС партијата на десниот центар „Граѓанска платформа“, која е на власт во Полска од 2007 до 2015 година, одбива да ги прифати резултатите на изборот на судии и се обидува да ги спречи во вршење на мандатот.
Судирот на двете партии кулминира откако новата влада именува пет од вкупно 15 судии во Уставниот суд, што е чекор за кој опозицијата тврди дека е незаконски.
ПИС тврди дека судиите требало да се заменат со цел да се обезбеди рамнотежа на власта, а дека претходната влада го прекршила законот кога го вршела претходното именување.
Пред насобраните се обрати лидерот на партијата ПИС Јарослав Качински. – Ние победивме на изборите, но немаме право да одредуваме закони и да ја менуваме Полска, изјави тој.
Повеќе десетици илјади луѓе излегоа и вчера на улиците на неколку градови низ Полска, но во знак на протест против ерозијата на демократијата, под новата власт на партијата ПИС, јавуваат полските медиуми.
Централниот протест под слоганот „Граѓани за демократија“ започна на пладне во Варшава, а излезноста ги надмина очекувањата на организаторите, со околу 50.000 учесници на маршот.
Протестот во организација на групата Комитет за одбрана на демократијата е организиран поради неодамнешните амандмани на владејачката партија на закон за Уставниот суд.