Шпанската полиција денеска соопшти дека уапсила британски државјанин, кој е осомничен дека е лидер на најголемата група за шверц со дрога во Европа.
Во соопштението се наведува дека 44-годишниот Роберт Дос од Нотингем е уапсен на 12 ноември во шпанскиот град Беналмадена и е екстрадиран во Франција. Имајќи ја предвид започнатата истрага, деталите за операцијата не се откриени досега.
Групата на Дос пренесувала кокаин од Јужна Америка во Европа и хероин од Турција и Авганистан за Велика Британија. Нагласено е дека околу 50 лица, кои се поврзани со групата, се уапсени во различни земји во последните години.
Тројца од членовите на нарко-групата се меѓу 30-мината приведени во 2013 година, откако француската полиција заплени 1,3 тони кокаин во авион на компанијата „Ер Франс“ кој полетувал од Венецуела.