Премиерот Никола Груевски од името на Владата на Република Македонија и од свое лично име на Берта Романо – Николиќ, претседател на Еврејската заедница во РM и на сите припадници на Еврејската заедница им го честита големиот Еврејски празник на светлината, песната и децата – Ханука.
Чествувањето на овој празник, стои во честитката од премиерот Груевски, доаѓа токму во време кога човештвото е исправено пред големи предизвици во кои наместо говорот на срцето често пати говори оружјето, насилството и безумието.
– Ханука е еден од празниците кои ја симболизираат нескротливата желба на поединецот да биде слободен, да биде свој на своето, а во содејство со другите да гради свет на сигурност, мир, толеранција и почит. Токму од овие причини, нека и оваа година менората засвети силно во секој од Вашите домови, а воедно да даде светлина и врз целиот свет за да не се повторуваат грешките од минатото и да се цени животот и слободата на човекот, се вели во честитката упатена од премиерот Груевски.
Верувам, нагласува премиерот Груевски во честитката, дека вредностите на овој Ваш празник дополнително ќе придонесат за заедништвото на граѓаните на Република Македонија, за меѓусебното почитување, толеранција и соработка и ќе ни дадат сили да продолжиме со реформите кои ќе значат унапредување на можностите во сите општествени сфери за секој наш граѓанин, и за изградбата на силна Република Македонија.