На Европската унија е и потребен Западен Балкан за надминување на предизвиците на иднината, оцени денеска во Виена австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц.
Курц, на отворањето на конференцијата на експерти на ЕУ и Западен Балкан, нагласи дека Западен Балкан мора да биде во фокусот на идната глобална стратегија на Унијата.
Во своето обраќање, Курц го истакна значењето на Западен Балкан за Австрија и ЕУ.
– Само ако ЕУ биде препознаена од страна на непосредното соседство како одговорен партнер може да биде успешна и глобално. Многу наши предизвици, како што е актуелната бегалска криза, директно се поврзани со Западен Балкан, образложува австрискиот министер за надворешни работи.
Курц истакна дека веродостојната европска перспектива за Западен Балкан, како поттик за реформите, денеска е поважна од кога и да е за стабилноста на регионот и на Унијата.
Австрискиот министер за надворешни работи нагласи дека ЕУ мора да даде одговор на три прашања – како да направи динамичен процес на проширување, како да ја убеди пошироката јавност во значењето на тој процес, како и како да ги поддржи земјите од западен Балкан во заедничкото надминување на бегалската криза.
Одговорот на овие и на други прашања, според зборовите на Курц, треба да бидат основа на австрискиот придонес на новата глобална стратегија на ЕУ, која треба да ја разгледуваат шефот на европската дипломатија Федерика Могерини и Советот на ЕУ во јуни идната година.