Во Скопје денеска и утре се одржува 13. седница на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија – Европска Унија на кој доминираат теми за евроинтеграциските процеси и актуелната мигрантската криза.
– Овој состанок е уште еден сигнал плус во насока на нашиот заеднички ангажман за исполнување на нашата цел за интегрирање на земјата, односно полноправно членство во ЕУ. Ова го велам заради фактот што денес во Парламентот додека се одвива работата на овој Комитет, во пленарната сала на Собранието втор ден се дискутира за Извештајот за напредокот на земјата и тоа што е карактеристично е сигурно дека нема да заврши денеска затоа што за него за дискусија се пријавени над 60 дискутанти. Оваа дебата само говори за повторното враќање на улогата што ја има Парламентот како демократска институција каде што се одвива дебатата за доброто на нашата земја, рече вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими пред членовите на Комитетот.
Посочи на активностите на Владата, во Парламентот и на граѓанскиот сектор за исполнување на препораките од Извештајот, како и на имплементацијата на Договорот од Пржино, како и она што допрва претстои. Во однос на препораката, Бесими истакна дека по изборниот процес во април Европската комисија ќе се наврати на Извештајот, посочувајќи дека изборите се уште една можност, но и обврска за Македонија во насока на евроинтеграцијата.
Поддршката на граѓаните на Македонија за членство во ЕУ и НАТО е убедлива, рече Бесими, но посочи дека самото пролонгирање на процесот на интегрирање создава дополнителни предизвици и фрустрации кај граѓаните.
За мигрантската криза со која се соочува Македонија и околните земји, вицепремиерот истакна дека е потребна вистинска соработка со цел успешно да се справиме со кризата, особено сега кога доаѓаат постудени зимски денови.
– Во оваа насока ние повторно сакаме да ја истакнеме нашата позиција на вистински начин да ја третираме оваа ситуација, но секако и една вистинска соработка е значајна со цел успешно да се справиме со оваа криза кога сме во еден период пред зимата кога знаеме дека ова ќе биде уште поотежаното. Имаме неколку активности што се однесува на донациите и од самите домашни институции што се однесува на ситуацијата на терен за тие луѓе кои се наоѓаат во оваа состојба на миграција, додаде Бесими.
За евроамбасадорот Аиво Орав Македонија е на крстопат и ова е многу важен период за неа. – Земјата се наоѓа на крстопат. Изборите, политичките лидери и членовите на овој дом ќе одредат во која насока ќе се движи земјата. Ние во ЕУ сакаме да ја одберете Европа и вредностите што таа ги застапува. Ќе бидеме со вас, но изборот и одговорноста се ваши, истакна евроамбасадорот.
Скорешниот Извештај од ноември е мошне јасен, вели Орав додавајќи ситуацијата во земјата не е најдобра. – ЕК постави јасни услови за да се одржи препораката. Освен спроведувањето на политичкиот договор треба да се посвети и повеќе внимание и на воведувањето на идните реформски приоритети што ги изнесовте во јуни, рече Орав.
Прашања како владеење на правото, борба против организираниот криминал и корупција, и слобода на изразувањето се суштински и за ЕУ и за процесот за проширување.
– Треба да се покаже политичка волја за да се обезбеди независност на судската власт и на специјалниот обвинител и на екипата. Слободата на изразување и медиумите се уште еден предизвик. Наместо да се назадува треба да се обезбеди јавноста да има пристап до објективно информирање. Политичките лидери треба да ги прифатат овие принципи и да ги промовираат јавно. Ги поканувам сите што работат на реформите, политичките партии и сите чинители да соработуваат за да ги постигнат тие реформи. Учесниците во Работната група не треба да ги одрекуваат проблемите со кои се соочуваат медиумите. Без сомнеж следните избори се клучни за иднината на земјата. Поттикнуваме објективно известување пред, за време и по изборите. Треба да се подготви избирачкиот список. Само тогаш јавноста може да ја врати довербата, потенцира евроамбасадорот.
Потсети дека има се помалку време и оти е пропуштен уште еден рок, а тоа е за назначувањето на членовите на Државната изборна комисија.
– Еден од најголемите предизвици со кои се соочува Европа е кризата со бегалците. Вашата земја не е сама. Ве поддржавме со неколку милиони евра скоро и многу повеќе изминативе години, дополнително ресурси се достапни за да ви се помогне, рече Орав.
Алојз Петерле, копретседавач со Комиетот изрази задовоство што средбата се одржува во комплетен состав по враќањето на македонската опозиција во Парламентот.
– Мислам дека тоа е еден добар политички знак за двата партнери во една променет внатрешно-политички, но и во надворешно-политички контекст. Овде сме секогаш со една иста желба да дадеме поддршка на процесот на пристапување на Македонија, земјата да забележи напредок и знаеме што беше кажано во минатото, која е позицијата на ЕК, која е содржината на Извештајот за напредокот каде што има и некои разлики бидејќи по прв пат постои условена препорака, за примена на политичкиот договор и реформските приоритети, рече словенечкиот европратеник, истакна Петерле.
Важно е, како што рече, политичкиот дијалог да продолжи.
– Се сретнав со одредени луѓе кои рекоа дека не веруваат дека спроведувањето ќе биде успешно, но навистина ми е задоволство што гледаме дека чекор по чекор тој договор се спроведува и очекуваме дека во тој дух ќе биде спроведен целосно и дека изборите ќе бидат организирани во добра политичка атмосфера, рече Петерле.
Копретседавачот од македонска страна пратеникот од македонскиот Парламент, Кенан Хасипи истакна дека Извештајот на ЕК реално ја отсликува состојбата во сите држави аспиранти, но посочи дека тајмингот на промена на методологијата на изработка на Извештајот може да доведе до пораст на евроскептицизмот во Македонија бидејќи живееме во услови на јасно изразена голема мигрантска криза која може да има сериозни безбедносни импликации по земјата и регионот, може да влијае на процесот на реформи и на економската состојба. ЕУ исто така, посочи тој, во следните пет години не предвидува некоја од земјите аспиранти да стане нејзина членка.
Во составот на Комитетот се европратеници од Хрватска, Грција, Словенија, Италија и Бугарија, како и пратеници од сите пратенички групи во македонското Собрание.
Утре изутрина продолжува 13. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, а за време на утринската сесија предвидено е обраќање на министерот за надворешни работи Никола Попоски. Членовите на Комитетот ќе го проследат и обраќањето на претседателот на Долниот дом на Чешкиот Парламент. Состанокот ќе заврши со усвојување предлог препораки.