На денешниот вонреден Самит на ЕУ со Турција, Чешка ќе го поддржи Договорот за продлабочување на соработката, но ќе бара Анкара да овозможи регулација на миграцијата, заштита на сопствените граници и стопирање на слободен шверц на луѓе.
Ова, како што јави дописникот на МИА од Прага, е договорено на синоќешната седница на Владата на премиерот Бохуслав Соботка.
Земјите-членки на ЕУ веќе се договорија во наредните две години со три милијарди евра, од кои Чешка ќе придонесе со 25 милиони евра, да и помогнат на Турција да го совлада проблемот со миграцијата.
– Турција, мора да воведе мерки за заштита на границите за да се овозможи регулација на миграцијата на своја територија и да го запре непреченото функционирање на шверцерите, изјави Соботка.
Чешкиот премиер потенцира дека Европа треба да има контрола над користењето на средствата.
– Една од работите, кои ќе ги барам на состанокот на Европскиот совет е средствата да се ослободуваат по фази и со полна контрола од страна на Европа за што ќе се користат, односно да бидат наменети за намалување на последиците од бегалската криза, додаде Соботка.