Полска бара договорот НАТО-Русија од 1997 година да биде поништен, со цел Алијансата да може да воспостави постојани воени бази на полска територија, што, според Москва, е во спротивност со постоечкиот договор.
Новиот полски министер за надворешни работи Витолд Вашчиковски изјави дека овој договор мора да биде отфрлен, бидејќи „предизвикува нееднаквост“ меѓу новите и старите членки на НАТО.
Во документот од 1997 година се наведува дека старите членки на НАТО „немаат никаква намера, план и причина да го распоредат нуклеарното оружје на територија на новите членки“, како што е Полска.
Русија повеќе пати потенцираше дека оваа одредба од договорот исто така се однесува и на постојаните бази и распоредувањето на војници.
Шефот на полската дипломатија нагласи дека договорот е „политички по карактер, не е правно обврзувачки и е склучен во друг меѓународен контекст“.