Порталот ФАКТОР.МК објави дека шпедицијата „Фершпед“ стана најголем акционер во скопската фабрика за чоколади и вафли „Европа“, откако за нешто повеќе од 120.000 евра ги купила акциите што досега ги поседуваше Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Според официјалните податоци на Комисијата за хартии од вредност, ФАКТОР.МК информира дека станува збор за 9.489 акции, кои претставуваат 3,71 проценти од главнината на кодниторската компанија. Со нив, „Фершпед“ стигна до вкупно 22,5 отсто од сите акции и го надмина досегашниот најголем поединечен акционер „Макошпед“, кој поседува 19,8 отсто од акциите од „Европа“, пишува ФАКТОР.МК
Трансакцијата, според податоците, била направена на 12 октомври. Фондот за ПИОМ ги понуди своите акциите на продажба по цена од 12,79 евра или вкупно 121.400 за целиот пакет.
Освен „Фершпед“ и „Макошпед“, значителен дел од сопственоста на „АД Европа“ поседуваат и фирмата „Вет фарм Трејд“ (16,8 %), и две физички лица: хрватскиот државјанин Боро Левентиќ (9 %) и косовецот Есамедин Хасани (8,5 %).
Во првата половина од годината „Европа“ остварила приходи од продажба во висина од 5,7 милиони евра, од кои како добивка и останале 170.000 евра, што е за 8 пати повеќе од истиот период лани. Компанијата има проценета номинална вредност од 13 милиони евра.