Новата полска Влада, на чело со премиерката Беата Шидло, денеска положи заклетва пред претседателот Анджеј Дуда, јави ТАСС.
Владата е составена од претставници на конзервативната партија „Право и правда“, која победи на парламентарните избори минатиот месец.
Во неа има тројца вицепремиери: Пјотр Глински кој е и министер за култура и национално наследство; Јарослав Говин и како министер за наука и високо образование; и Матеуш Моравецки и како министер за развој.
Меѓу шефовите на клучните министерства се Витолд Вашчиковски – министер за надворешни работи, Антони Мачеревич – министер за одбрана, Мариуш Блашчак – министер за внатрешни работи, и Кшиштов Тужевски, кој ќе раководи со новото министерство за енергетика.
Министер за правда е Збигнев Зобро, министер за државната каса – Давид Јацкевич, министер за финансии – Павел Шаламаха.
Мариуш Камински ќе биде координатор на специјалните служби, а Конрад Шимански ќе одговара за заедничките активности со Европската унија.
Шидло во среда ќе ги претстави својот кабинет и неговата програма пред Долниот дом на Парламентот. Истиот ден пратениците ќе гласаат за доверба на новата влада.