Во рамките на меѓународниот саем на книгата во Истанбул, Турција, се одржува и реномираниот „Интернационален поетски фестивал Истанбул, на чие отворање се одржа презентација на Струшките вечери на поезијата.
Оваа презентација, се вели во денешното соопштение од СВП, е дел од соработката со фестивалот во Истанбул во рамките на која се предвидени низа активности, како преведувачки работилници, издавачки проекти и претставување на најзначајните поетски творци во рамките на обата фестивала.
На преставувањето пригодни обраќање одржале директорот Мите Стефоски и претседателот на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Славе Ѓорѓо Димоски, кои зборувале за историјата, структурата и значењето на фестивалот и неговата улога во промоција на врвните поетски дострели во светската поезија, како и за промоцијата на македонската поезија во светот.
Низ прикажувањето на пригодно видео било претставено последното издание на фестивалот, а преку изложба и издавачката продукција на СВП, во која се објавени репрезентативни избори од врвни светски поети, добитници на наградата „Златен венец“, антологии на национални поезии и други изданија.