Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) смета дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во делот на слободата на изразувањето и слободата на медиумите е најкритичен, но и најреален досега.
– Комисијата сфати дека македонската Влада не го разбира дипломатскиот речник и затоа реши во Извештајот да користи точен и директен јазик, изјави денеска претседателот на ЗНМ Насер Селмани.
Брисел, според него, јасно и недвосмислено вели дека слободата на медиумите во Македонија назадува, посочувајќи ги причините за тоа, како што се насилство против новинарите, индиректното и директното вмешување на власта во уредувачката политика на медиумите преку нетранспаретно владино рекламирање, до зависни МРТ и медиумски регулатор. Првпат се посочуваат телевизии за непрофесионално известување во прилог на власта и селективно известување за опозицијата и граѓанскиот сектор, а се оценува и работата на новинарските здруженија.
Селмани не смета дека Извештајот во делот на медиумите е селективен. Вели дека и покрај тоа што не се споменати сите напади врз новинари и сниматели, во Извештајот има генерална оценка и треба да се работи на надминување на овие случаи.
– Крајно време е институциите да ги откриваат сторители кој и да се тие. Мислам дека јавноста но и ние како новинари насилниците да одговараат, рече претседателот на ЗНМ.
ЗНМ ќе учествува во разговорите на партиските работни групи за реформите во медиумите.
– Ние сме повикани во петок да се придружиме на тие разговори. Нашите ставови се јавни. Ќе инсистираме на политичка и кривична одговорност за сите случаи на насилство против новинари, против кој било новинар, а второ ќе инсистираме на политичкото рекламирање, кое ги прави медиумите заложници на политичките партии, рече Селмани.
ЗНМ, според него, ќе биде жестоко против тоа политички активни личности да застанат на чело на медиумите и институциите кои се предмет на разговорите.
– Ние ќе бидеме жестоко против какво било политичко пазарење на сметка на медиумите и на битни институции во Македонија, како што се МРТ и медиумскиот регулатор. Ние ќе инсистираме на издржливи решенија кои нема да произлезат како резултат на политичкото пазарењ на поголемите партии, изјави Селмани.