Изгласани законите од Пржино, на ред е назначувањето на опозициските министри

Од:

Неколку минути пред полноќ Собранието го изгласа пакетот закони за имплементација на договорот од Пржино откако во петокот четирите политички партии ги договорија реформите што треба да се имплементираат пред предвремените парламентарни избори во април наредната година. Парламентот со мнозинство гласови ги одобри договорените закони, а жестока расправа се поведе само по измените и дополнувањата во изборниот законик. Без расправа помина Законот за Влада, кој овозможува министерски места за опозицијата.

Овој закон се гласаше последен, но за него осум пратеници беа воздржани. Законот доби 98 гласа „за“ и нула гласа „против“. Со законот за Влада предвидено е со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика да управуваат кадри на предлог на опозицијата. Освен тоа, опозицијата ќе предложи и заменици министри во Министерството за информатичко општество, Министерството за финансии и Министерството за земјоделие. Најдоцна до петок премиерот, Никола Груевски, треба да ги предложи новите министри до Собранието, а парламентот да ги изгласа.

Првата точка што ја изгласаа пратениците на денешната седница беше одлуката за формирање на Анкетна комисија која ќе ги утврдува околностите и содржината на прислушуваните разговори. Предвидено е комисијата да биде составена од 16 члена, осум на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и четири на СДСМ, двајца на ДУИ, еден на ДПА и еден независен. Со комисијата ќе претседава член на СДСМ. За Анкетната комисија гласаа 106 пратеници, а еден беше против.

Измените во изборниот законик ги одобрија 104 пратеници, а тројца беа против. Овие измени вклучуваат промена во составот на Државната изборна комисија, зголемување на нејзините ингеренции така што ДИК во иднина ќе може да покренува прекршочни и кривични пријави, промена во гласањето на дијаспората така што од три изборни единици се трансформира во една со минимум од околу 6.000 гласови за избор на пратеник. Измените предвидуваат и прочистување на избирачкиот список со теренска проверка на гласачите и со вкрстено проверување на базите на податоци, како и право на опозицијата да биде подеднакво претставена во медиумите како власта, а МРТ обврска да организира дебати во изборна кампања.

За измени во кривичниот законик гласаа 110 пратеници, а ниту еден не беше против. Промените се однесуваат на законските казни за лицата кои неовластено прислушуваат. Од 1 до 5 години затвор е превидена за оној кој со посебен уред ќе овозможи неовластено прислушување, а доколку прислушувањето го извршува службено лице ќе се казни со затвор од најмалку четири години. Предвидена е казна и за операторите кои ќе дозволат да се врши неовластено прислушување, а која изнесува 10 отсто од вкупните приходи на компанијата за таа година.

Законот за заштита на приватноста, популарен како закон за бомбите, го изгласаа 106 пратеници, а еден беше против. Со него се уредува користењето, располагањето и објавувањето на прислушувани разговори. Законот не ги опфаќа оние разговори кои укажуваат на некаков јавен интерес, без разлика помеѓу кого се водат. Законот не ги третира ниту бомбите објавени до 15 јули годинава.
За Законот за укажувачи, познат како закон за свиркачите, гласаа 110 пратеници, а ниту еден не беше против. Со него се уредува заштитата на оние лица кои откриваат криминал или незаконитост во институциите на државата, или во приватни фирми.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам и Законот за експропријација

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки

Собранието го донесе Законот за заем од 500 милиони евра од Унгарија

Пратениците ја почнаа расправата за заемот од Унгарија

Катерина Ѓуровски