Павле Саздов на тапет во Собранието, Сугарески му порача дека последен пат е пратеник

Од:

Никогаш повеќе нема да стапнеш во ова Собрание, ти гарантирам, никогаш повеќе нема да бидеш избран за пратеник, му порача координаторот на социјалдемократите во Собрание, Горан Сугарески, на пратеникот од дијаспората Павле Саздов на денешната расправа за измените во изборниот законик договорени меѓу четирите политички партии.

Сугаревски го обвини Саздов дека е нелегитимно избран затоа што неговите гласови се 1:10 во споредба со гласовите потребни за избор на пратеник во Македонија. Со измените во законот се предвидува минимум од 6.000 гласови за кандидат од дијаспората да биде избран за пратеник.

Горан Мисовски од ЛДП му се обрати на Саздов велејќи му дека не живее меѓу сопствените гласачи откако е вработен како државен секретар во Министерството за животна средина. Тој го праша пратеникот што мислат Македонците во Канада и Америка за криминалите во власта и зошто ноќева во хотел од четири ѕвездички додека е меѓу своите избраници.

-Нели се срамите кога ќе отидете кај нашите иселеници. Дали им го презентирате извештајот од Собранието според кој сте имале две дискусии и една реплика. Третиот колега од дијаспората не го ни знеме каде е. Така ги претставувате гласачите? Со вашата програма само 500 гласа сте обезбедиле и сте станале пратеник – рече Мисовски.

Изборниот законик е првиот од петте закони договорени меѓу четирите партии, а кои вечерва треба да се изгласаат во пресрет на извештајот за напредок на земјата кој утре треба да го објави Европската комисија. Измените во овој закон не ги поддржуваат независните пратенички, Солза Грчева и Роза Топузова-Каревска, како и Зулфи Адили од „Унитети“, кои рекоа дека новиот закон нема да гарантира фер и демократски избори.

-Нема надеж за плурализам со шестте изборни единици. Имаше предлог Македонија да стане една изборна единица, но не знаеме колку беше искрен. Од диктатура на владејачката коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ние сега имаме диктатура на четирите партии. Пржино треба да е срам за овој парламент. Сложни браќа во петок мрсат, па така сте се договориле за претставување во медиумите владејачките партии да имаат 40 отсто простор, опозицијата 40 отсто, а остатокот за помалите партии – рече Грчева.

Според неа договорените мерки за прочистување на избирачкиот список нема да дадат резултат.

-Не е возможна теренска проверка за неколку месеци. Ќе имаме ист избирачки список. Како ќе се тргнат оние со повеќе лични карти? – праша пратеничката.

Теренската проверка на избирачкиот список е небулоза и за Топузова-Каревска. Според неа потребно е прво да се направи попис на населението.

Пред пленарната седница, законите прво поминаа низ матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедници, и Законодавно-правната комисија. Во матичната комисија се отвори расправа само по Законот за заштита на приватноста, попознат како закон за бомбите, и Законот за укажувачите, или т.н. свиркачи.

По однос на законот за бомбите, пратеничката од СДСМ, Рената Десковска образложи дека нема да се казнува за разговори кои претставуваат јавен интерес бидејќи, рече, јавноста има право да знае дали има криминал во министерствата, во универзитетите или во Владата.

Презентирањето на прислушувани разговори, рече таа, не повлекува одговорност доколку разговорот е од јавен итерес. Законот нема да се однесува ниту на материјалите објавувани до 15 јули, кои ќе може да се користат и понатаму. Овој закон ќе повлекува правни дејства шест месеци по донесувањето, со цел да се почека мислењето од Венецијанската комисија.

На почетокот од пленарната седница денеска пратениците ја изгласаа и предлог одлуката за формирање на Анкетна комисија во рамки на Собранието која би ги утврдувала околностите околу масовното прислушување, како и содржината на објавените разговори.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Фатон Сељами предложен за нов Народен правобранител

Собранието ја прифати интерпелацијата за државниот обвинител Коцевски

Катерина Ѓуровски

На 29 јули интерпелација за републичкиот јавен обвинител – Љупчо Коцевски

А1он

Пратениците дебатираат за ребалансот на Буџетот за 2025 година

Утре на пленарна седница ќе биде дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година

Собранието ќе одлучува за дополнетиот ребаланс на Буџетот одобрен од Владата