Загубите на Египет поради заминувањето на руските и британски туристи по несреќата на рускиот патнички авион над Синајскиот Полуостров достигнуваат четири милиони долари на ден, објави телевизијата „Ал Џазеира“, повикувајќи се на официјални документи на египетското министерство за туризам.
Заминувањето на руските и британски туристи ќе го намали вкупниот број на туристи во Египет за 70 проценти, наведува министерството, пренесува ТАСС.
Руските граѓани имаат најголем удел меѓу странските туристи во Египет, по што следат туристите од Британија и Германија. Во Шарм ел Шеик делот на руски туристи достигнува до 50 проценти.
Моментално поради евакуацијата на руските туристи, од кои секој троши 57 долари на ден, египетската економија губи во просек 2,5 милиони долари на ден. Заминувањето на британските туристи, кои во просек трошат 70 долари на ден, носи загуби од околу 1,4 милиони долари на ден.
Приходите од туризмот претставуваат околу 11,5 проценти од бруто домашниот производ на Египет.