Излезе новиот оглас на Академијата за менаџери при Министерството за образование и наука што се реализира во соработка со Академијата за менаџери. Очекуваме до 16 ноември да аплицираат лицата кои се заинтересирани за модулот за менаџирање, а до 23 ноември во делот на модулот за работа со финасии, најави денеска заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
– Годинава повторно доделуваме 40 стипендии од кои 15 за модулот за системско менаџирање, 15 во делот на претприемништвото и 10 во рамки на модулот за анализа на финансиите. Верувам дека и оваа година, како и минатите, ќе има огромен интерес и повторно ќе бидат искористени сите стипендии кои ги доделува МОН во соработка со Академијата. Апелирам сите заинтересирани граѓани од јавниот и приватниот сектор да аплицираат за да ги добијат овие средства во висина од 30.000 денари, изјави Ристовски во одговор на прашање по увидот во градежните активности за изградба на новиот објект на основното училиште „Невена Георгиева – Дуња“ во општина Кисела Вода.
Потсети дека огласот се објавува четврта година по ред и дека досега се доделени 120 полни стипендии, односно финансиски субвенции во висина од 500 евра за лица вработени во јавен и приватен сектор кои работат на одговорни менаџерски позиции.