Полската премиерка, либералката Ева Копач, го искритикува конзервативниот претседател Анджеј Дуда за неговата одлука првото заседание на новиот Парламент да го свика на ист датум следната недела со вонредната седница на Европскиот совет, што ќе биде посветен на миграциската криза, пренесе БТА.
Копач побара од Дуда да ја претставува Полска на неформалниот самит на ЕУ во Брисел в четврток.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, поранешниот полски премиер од либералната партија на Копач „Граѓанска платформа“ (ГП), во вторникот ја закажа седницата на шефовите на држави или влади на 28-те члени на Унијата за 12 ноември.
Полскиот претседател Анджеј Дуда, кој во мај беше избран на оваа функција како кандидат на конзервативната и евроскептична партија на „Правото и правдата“ (ПиС) денеска, меѓутоа, ја закажа првата седница на новиот Парламент токму на истиот датум.
На овој начин, ниту досегашниот, ниту следниот премиер на Полска – либералката Ева Копач и конзервативката Беата Шидло – ниту самиот шеф на државата нема да можат да присуствуваат на Европскиот совет.
Парламентарните избори во Полска од 25 октомври ги освои партијата на Правото и правдата, која се здоби со апсолутно мнозинство. На првата седница на новиот Парламент по традиција стариот премиер поднесува оставка, а новиот положува заклетва, во присуство на претседателот.
-Ова е само неофицијална средба. Доналд Туск знаеше за можните датуми за првата седница (на новиот полски Парламент) и покрај тоа тој самитот на ЕУ го свика на еден од нив, изјави портпаролката на партијата на Правото и правдата, Елжбета Витек.
Полска не се согласува со плановите на ЕУ за раселување на мигрантите од Блискиот исток и северна Африка низ земјите членки според задолжителни квоти определени од Европската комисија.
Новата полска конзервативна Влада на ПиС може земјата да ја приклучи кон блокот на тврди противници на планот, во кој уште се наоѓаат Унгарија и Словачка. Тоа веројатно уште повеќе ќе ги продлабочи разликите во ЕУ, каде германскиот канцелар Ангела Меркел се изјаснува за поотворен пристап.