Генералот Франциско Франко, кој управуваше со Шпанија 36 години се до неговата смрт во 1975 година, украл „стотици милиони долари“ државни пари во годините додека Шпанците „биле изгладнети“ по завршувањето на Граѓанската војна, тврди шпанскиот публицист Анхел Вињас.
Во својата книга „Другата страна на лидерот“, Вињас наведува дека диктаторот земал пари од државата, од државните фондови и од фирмите под државна контрола, веднаш по завршувањето на граѓанската војна, што траеше од 1936 до 1939 година.
Авторот на книгата пишува дека „каудиљото“ (лидерот) до 1940 година, присвоил 34 милиони пезети или повеќе од 420 милиони долари во денешна вредност.
Вињас тврди дека Франко го присвоил целиот профит од продажбата на 4.000 тони кафе во вредност од денешни 8,2 милиони долари, кои Владата на Бразил и ги подарила на Шпанија за да и помогне во опоравувањето по тригодишната војна.
Во време на смртта, се проценува дека Франко и неговото најблиско семејство поседувале разен имот во вкупна вредност од 600 милиони долари.
Меѓу имотот на семејството на генералот-диктатор е и замокот Ел Пазо де Меирас во регионот Галиција. Локалните власти во 2007 година успеаја да го натераат семејството на Франко да се согласи замокот да биде отворен четири денови во неделата за посетители, прогласувајќи го за културно налседство на Шпанија.
За разлика од Германија и Италија, кои исто така поминаа низ период на нацистички и фашистички диктатури, во Шпанија никогаш не е направен детален преглед на мрачното време од диктатурата на Франко.
Наместо тоа, во 1977 година беше донесен закон за амнестија на сите кои беа околу диктаторот и на оние кои беа дел од апаратот на тогашната држава, што резултураше и по 40 години да постои сенка врз времето кои најголемиот дел од Шпанците го паметат по злото.
Обединетите нации побараа од Шпанија да го укине законот за амнестија и да се овозможи истрага за злосторствата извршени за време и по Граѓанската војна. Посмртните останки на 110 илјади луѓе, кои му се спротивставуваа на Франко, се уште лежат во масовни гробници низ Шпанија.
Книгата „Другата страна на лидерот“ ќе биде објавена следниот месец, по повод 40-годишнината од смрта на Франко.