Индекс – Загреб
Францускиот мислител и филозоф, Едгар Морин, еден од прваците во социологијата од минатиот век, својата книга „Како да се излезе од ХХ век‟ ја почнува на крстосница на некоја париска улица на семафор. Имено, тука се случил некој инцидент, а подоцна кога минувачите биле прашани кое светло светело кога во моментот на сударот, сите одговориле различно.
На Морин тие изјави му послужиле да покаже колку перцепциите на случувањата околу нас се површни, шаблонизирани и несигурни.
Во своите други дела тоа го крстил тоа како „когнитивен конформизам‟, „грешка и илузија во верувањата‟, па натаму според неговата теорија подоцна помладите мислитети дошле до поимите „конфирмативни предрасуди‟ и „ефектот на сидрото‟ во човечките размислувања. За потребите на пазарот овие апликации ги превземале модерните паблик релејшн машини на пропагандните штабови на политичките партии и владата.
Двата „трика‟ станаа убиствено оружје во време на општата површност што ни ја носат социјалните мрежи и секојдневното бомбардирање со информации на сите можни „паметни‟ платформи со кои ги заглавивме нашите видици.
Се сетив на тој вовед во книгата на Морин пред неколку ноќи, гледајќи на Првата програма на ХТВ интервју со Мило Ѓукановиќ, кој 27 години е „владетел на Сонцето и Месечината, денот и ноќта“, во соседната Црна Гора – по бруталното разбивање на демонстрациите во Подгорица кои носеа работен наслов „Мило, крадецу‟.
Ефект на сидро
Несигурниот новинар, читајќи прашања од некој лист, го примени свесно или не, токму тој „ефект на сидро‟ и помогна на сега веќе несигурниот Ѓукановиќ (камерата никогаш не лаже) да ја „лоцира‟ позадината на демонстрациите во руското влијание кои настојуваат да го спречат можниот црногорски влез во НАТО и подоцна во ЕУ.
Како што внимателно ги следев демонстрациите, бидејќи членовите на моето семејство директно учествуваа во нив, поточно, мојата сопруга и баба – либерали од „дното на бурето‟ (за неупатените: оние кои се во средината на офанзивата на Милошевиќ и Ѓукановиќ се собраа во Цетиње и побараа прошка од Дубровник, па од истиот Ѓукановиќ се наречени усташи), мојот впечаток, зајакнат со живите извештаи од таа подгоричка маса, беше поинаков.
Тој впечаток го споделија и големите светски медиумски куќи, кои пишуваа за „бруталниот колапс‟ на демонстрациите против последниот европски диктатор, нагласувајќи сите до еден огромна разлика меѓу применетата сила и вистинската опасност од масата која мирно бараше оставка на рекордерот на местото лидер на извршната власт во границите на нашиот континент и воспоставување на привремена власт која ќе ја води земјата до првите слободни избори некогаш.
Така наведениот новинар на ХРТ се обиде вешто подготвената пропагандна предрасуда да ја смести во површни впечатоци кои се формираат кај помалку или повеќе заинтересирани гледачи, за тоа што се случува во соседството. Притоа, новинарот на се запраша како Ѓукановиќ има ист пропаганден штаб како и српскиот премиер Вучиќ.
Го сочинуваат, имено, озлогласениот Владимир Беба Поповиќ, таблоидот Информер и ТВ Пинк, ударната тројка на српско-црногорското медиумско насилство, истите тие кои неодамна фрлаа дрвја и камења по хрватскиот премиер Милановиќ, именувајќи го со секакви имиња, а најмногу давајќи му епитет усташ.
Како може во своите напори за зачувување на еден режим на власт, тој медиумски штаб да е во право во Црна Гора, а сите знаеме колку не е во право кога на најдобро светло на „таблоидната демократија‟, каква што единствено може да се дефинира во денешна состојба во Србија, ја опишува хрватската влада и нејзиниот претседател во сега веќе малку заборавениот конфликт за бегалците.
Штетници кои траат веќе 27 години
Мило Ѓукановиќ, брилијантен политички измамник и манипулатор, во текот на овие 27 години секогаш некој загрозуваше: почна со усташите и Хрватите поради кои, како што рече, му се смачил шахот, продолжи со Милошевиќ, својот духовен татко од кој се оттргна во класично татково убиство, во голема мера поради тоа што Ѓукановиќ и неговиот партнер Станко Цане Суботиќ не сакаа да го делат пазарот за шверц на цигари со жената на Слободан, Мира Марковиќ и синот Марко.
Црна Гора, Ѓукановиќ успеа да ја одвои од Србија во 2006 година, иако за тоа и порано беа направени услови. Меѓутоа, тој го стори тоа само откако тоа стана опортунистички, кога мечот на меѓународните потерници од италјанскиот Бари висеше над глава и беше толку силен што само целосен имунитет од лидерите на независни држави или влади можеше да го одбрани.
На Ѓукановиќ во текот на неговата кариера му пречеше секој слободен медиум во земјата и во регионот, што со живот го плати и сопственикот и уредник на подгоричкиот весник „Дан“, Душко Јовановиќ. Посебно му попречија „Национал“ и Иво Пуканиќ, кои брилијантно преку серија текстови го открија мафијашкиот октопод кој се раѓаше на југот. За жал, знаеме како покоиниот Иво заврши, а уште и ќе видиме кои се нарачателите на тој страшен чин во Загреб, во октомви 2008 година. Вреди да се додаде дека овој автор за тоа нема никакви дилеми.
Подоцна на Ѓукановиќ му попречија Воислав Коштуница и Борис Тадиќ, како лидери на Србија, која може да ја загрози „младата црногорска независност‟.
Посебно за последниот тоа не можеше да се каже, се додека токму тој, Ѓукановиќ, со пакт договорени во парискиот хотел „Риц“, на власт во Србија ги доведе своите пулени: Вучиќ на кого, како што велат, токму Ѓукановиќ му е апсолутен идол и модел на владеење и Томислав Николиќ. Подобрите познавачи на приликите веруваат дека изборната победа на тој шешељовски двоец е обезбедена токму со пари заработени од шверц на недозволена стока и супстанци. Веројатно се одело по пазарната логика: Србија сепак е некои петнаесет пати поголем пазар за таа стока од Црна Гора.
Прозивање на Русите
Сега Ѓукановиќ и неговиот медиумски штаб ги користат тензиите меѓу НАТО и Русија околу Украина, па ги „прпзоваат‟ Русите. Секако, Русите не пречеа кога им овозможи во својата „братска економија‟, купување на половина црногорска земја, буквално и фактички, па така пред некоја година на една прекрасна плажа во тамошното Сутоморе осамна натпис „само за руски деца‟.
Или кога на првиот пријател на Путин, со чашка шкотско виски, во подгоричко кафуле каде инаку најчесто се води политика, му го продаде најголемиот индустриски комплекс во Црна Гора, Алуминиумскиот комбинат и Рудниците за боксит, практично половина од црногорскиот бруто национален доход, со што ја уништи егзистенцијата на неколку илјадници семејства.
Русинот Олег Дерипаска потоа „извади вода од сува дреновина‟, се збори за половина милијарда евра профит и си замина, купувајќи од тие пари огромно земјиште на црногорскиот брег, инвестирајќи во недвижности во Порто Монтенегро, но и во австрискиот Лејх.
Тие години партијата на Ѓукановиќ се „побратими‟ со Единствена Русија на Путин и тој веројатно сега на драга волја би се откажал од тие делови од својата политичка кариера.
Впрочем, за тоа колкава е „љубовта‟ на Ѓукановиќ кон Западот, зборува и фактот дека по 20 и нешто години во високата политика и средби со бројни американски и европски десижн мејкери, тој не научи да состави една единствена реченица на англиски јазик, барем од почит кон своите соговорници. Знае нешто малку на руски, кој според сопствено признание го вежбал едно долго лето во Тјумен, во длабокиот Сибир, каде веројатно и ги научил, како лојален кадар на тогашните централни „комитети‟, принципите на партиската пропаганда и манипулирањата кои денес успешно ги применува.
Но, дали црногорската покана за НАТО во декември оваа година е реална?
Црна Гора и НАТО
Дали НАТО навистина е стратешки сојуз кој прима нови членови, бидејќи нивните географии им се потребни, денес, во време на најсовремени воени технологии кои оперираат со движење на компјутерски маус, од која било точка на земјината топка? Или тоа е клуб во кој членството мора да се заслужи со демократски промени во самата срж на општеството на секоја апликантска нација, темелено на стратегијата на американското Мин. за одбрана и Стејт Департментот, развиените, богатите и демократските земји да немаат потреба да влегуваат во воени судири?
Ако ова второто е точно, а потписникот на тие редови, врз основа на средби и разговори со повеќе евроатлански шефови, е склон на таа дефиниција, ЕУ и НАТО не можат да ја примат во својот клуб нај коруптивната власт во денешните европски граници.
Дарон Ацемоглу и Џејмс А. Робинсон, професори по политичка економија во Харвард, во својата книга „Economic Origins of Dictatorship and Democracy‟ велат дека ако во третиот мандат не се промени власта во една земја, тогаш таа земја веќе не е демократија и тоа има долгорочни последици по економскиот развој.
Тоа мора да го знаат, да го прочитаат или барем да се информираат на Гугл или Википедија, луѓето кои во какво било позитивно светло зборуваат за Ѓукановиќ и неговиот 27-годишен опстанок на власт. За жал, Црна Гора не е демократија и никогаш не била во својот историски развој.
Прашањето за продажбата на црногорскиот Телеком
Така точно знам дека еден од условите за добивање на покана во НАТО, наспроти тешкото лобирање на коруптивни поединци на сите страни (бидејќи секако ги има и во развиените демократии), завршувањето на истрагата околу продажбата на Телекомот на Унгарците и Германците, во која милионската провизија, која американските институции веќе ја утврдија, ја зема „адвокатката, сестрата на најмоќниот политичар во земјата‟, цитирам службен документ на американското Минисерство за правда.
Сега на црногорскиот судски систем е тоа да го процесуира. Но, како домашното, црногорско обвинителство, во постоечката констелација на силите, да тргне против „најмоќниот брат‟?
Да не се лажеме, во Европа, како и во САД, големи судири има околу тоа во истиот клуб да се прими Ѓукановиќ и неговото „семејство“. Затоа претпоставувам дека притисокот на Ѓукановиќ ќе расте секој ден, независно од моменталните настани во Подгорица. Тој нема доброволно да ја предаде власта и од најмноќен човек во земјата да се претвори во најпознат затвореник на Спуж, што е ист затвор како и хрватскиот Реметинец. Но, тоа секако го чека. Трета можност нема, tertium non datur, вели латинската поговорка.
Денес на објективните набљудувачи им е кристално јасно дека Мило Ѓукановиќ нема политичка, идеолошка или економска матрица на владеење.
Сопственик на една мала држава
Неговата состојба, состојбата на сопственик на една мала држава долги 27 години, стана неодржлива, како во земјата, така и во меѓународната заедница. Политиката на Ѓукановиќ, ако се гледа целиот нејзин опсег, е своевидна историја на политичко и физичко насилство на нашите простори. Тоа, по 20 и нешто години од моето бавење со таа географија, бидејќи таму сум роден. Ова што сега се случува на улиците на Подгорица, на двете страни, само е кулминација на тоа долгогодишно насилство.
Насилството кај нас во политиката почна со Слободан Милошевиќ, тој беше негов родоначалник, но ученикот кој го понесе тоа далеку, предалеку, е Мило Ѓукановиќ. Насилството, за жал, е една матрица која тој ја познава и која неговите ривали, кои секој ден се се повеќе и повеќе, исто така ќе ја применуваат ако нешто брзо не се промени во самата земја.
Своевременото повикување и буткање во беспотребна војна против првите соседи од страна на Ѓукановиќ, па потоа повеќекратните кражби на изборите и прикривање на изборната волја на граѓаните, документирано и процесуирано на некои црногорски судови од понизок ранг, убивањето и претепувањето на политичките противници и медиумски опоненти, поттикот на илегални активности во трговија со дрога, користење на ресурсите на државата за лични придобивки и интереси. Сето тоа е насилство.
Црна Гора без Ѓукановиќ
Оваа мала, убава медитеранска земја со значајна историја, својата иднина може да ја гради само во поголеми сојузи и унии и во ненасилна потрага за вистинска, а не хибридна демократија од типот на демократијата на Ѓукановиќ.
Џејмс Медисон, еден од татковците на САД, во „Федералистичките акти‟ пишува: „Колку е поголема земјата, помала е можноста од интересни групи и поединци да ги одземаат правата на своите граѓани‟.
Ако граѓанинот живее во мала, независна земја, продолжува Медисон, во земја со која владее тиранија на еден човек или коруптивна елита, тој граѓанин е изгубен. Поголема унија, која ја прават повеќе хетерогени држави и во кои владејат заеднички усвоени и прифатени правила на однесување и пакет закони, ги штити граѓаните од наплив на „тирански поединци и коруптивни групи‟, кои инаку, би му ги лимитирале личните или економските слободи.
Затоа членството на Црна Гора во НАТО и ЕУ е од енормно значење за секој граѓанин на таа земја, тоа е positive-sum game. Но, Црна Гора затоа мора да го најде истиот тој пат по кој неодамна тргна хрватската демократија, па со примена на европското право и правила на однесување, со процесот на конвергенција на развиените општества, да се ослободи од политичкиот отров наталожен во изминатите децении, како и од коруптивните тирани и елити кои ги произведуваат тие отрови.
Со други зборови, Црна Гора секако треба да биде добродојдена во евроатланските интеграции, но никако со Ѓукановиќ на чело.
Автор Ратко Кнежевиќ – инвестициски банкар од Лондон, магистар по науки, кој веќе со години работи за најголемите светски финансиски институции, како експерт за економија на мали земји. Токму тоа беше и темата на неговиот магистерски труд на престижното и ценето во светот London Business School и неговото училиште за лидери Sloan fellowship. Често го цитирале во Фајненшел Тајмс, Економист, Би-Би-Си, Еј-Би-Си, Њу Јоркер…