Европа почина

Од:

30 окотмври 2015

Европа почина во калта во која пропаѓаат детските нозе на ничија земја меѓу Србија и Хрватска, на оградите од бодликави жици меѓу Унгарија и Србија, односно Хрватска, на оклопните возила на словенечко-хрватската граница, во огнот кој ги голта бегалските кампови во Германија.

Длабоко во калта по која газат расплакани деца-бегалци на ничија земја меѓу Србија и Хрватска, почина идејата за обединета Европа. На бодликавата жица со која е затворена границата меѓу Унгарија и Хрватска, членка на Европската унија, почина обединета Европа, исто како и на словенечко-хрватската граница на која излегоа оклопни возила на словенечката војска.

Во анкетите во кои граѓаните на новите членки на ЕУ се изјаснуваат против примањето на бегалци-нехристијани и во огнот кој речиси секојдневно голта по еден центар наменет за бегалците во Германија, почина концептот на мултикултурализам и мултирелигиозност, всушност почина концептот за толеранција и прифаќање нау луѓето кои се различни, дури и тогаш кога се од иста нација, раса или вера.

Почина Европа.

На нејзиниот надгробен споменик, ако некој некогаш го подигне, ќе пишува: „Многу сакаше, многу почна, а почина прерано поради недостиг на човечност‟. Бидејќи, тоа и е всушност се она за кое сведочиме последните недели – застрашувачки недостиг на човечност.

На почетокот се беше поинаку. На почетокот тоа вообичаено се нарекуваше бегалска криза (иако хрватските мејнстрим медиуми очигледно добиле препорки да го избегнуваат изразот бегалци и да зборуваат само за мигранти, божем на луѓето туку така им дошло да се селат, па ете се селат).

Тогаш во првите недели, додека не проработеа рутинските механизми за создавање на страв од другите и различните, мнозинството во бегалците видоа несреќници кои бараат егзистенција и спас, бегајќи од војни и сиромаштија, директна последица на политиката што Западот форсирано ја спроведува на Блискиот Исток и во Африка (па тоа никако не се економски емигранти, туку во најдобар случај политички).

Луѓето, посебно во Хрватска (иако претседателката веќе тогаш бараше упатување на војската на границата и нејзино затварање) се присетуваа на сопствените зли судбини во не така дамнешните војни на овие простори. Беа подготвени да помогнат и помагаа.

Не само во Хрватска. Австрија беше добар пример како бегалците се примаат организирано, се згрижуваат и спроведуваат понатаму, покрај граѓаните кои спонтано доаѓаа на железничките станици, донесувајќи облека, храна, вода, играчки за деца.

Но, како што бранот на бегалците не престана (а еден ден можеби ќе се дознае како и со кој механизам е покренат во толку голем обем), проработеа „фабриките‟ на страв и нетрпеливост. Од тие изјави на локалните функционери во Хрватска како дека не е пријатно кога непознати луѓе ноќе поминуваат под прозорци, па се до изјавата на словенечкиот државен секретар дека неговата земја ќе прими само христијани, бидејќи „тука нема џамии, па муслиманите нема да се чувствуваат добро‟, или препотентните зборови на ноторниот унгарски премиер Орбан кој на својата земја и припиша улога на „ѕид на Европа и христијанството‟, се до анкетите во Полска, Чешка и уште некои постсоцијалистички земји во кои големо мнозинство се изјаснува против примање на бегалците; и конечно неодамнешниот имресивен собир на десното антиевропско движење Пегида во Германија, кое исто така покрај барањата за прекин на примање на бегалците, на улиците на Дрезден извади околу 15.000 поддржувачи.

Првичниот напилив на сочувство полека стивнуваше, па дури и снимателката на приватна унгарска телевизија беше снимена (значи со снимка докажано) како на границата подметнува нога на бегалец со дете во рацете, се одважи да изјави дека ќе го тужи тој несреќник (бидејќи го менувал исказот, а за тоа што е снимено, на кого му е гајле), и Фејсбук не ги брише погрдните пораки на нејзиниот профил.

А германската канцеларка Ангела Меркел соочена со се поголем отпор за примање на бегалците, посебно од баварската Христијанско (?) социјална унија, но и од социјалдемократите кои се партнери во коалицијата, повлече очајнички, а во исто време и потенцијално катастрофален потег. Недела дена пред изборите во Турција отиде во Анкара и му дозволи на претседателот Ердоган (кој нескриено кокетира со исламизмот и е еден од најцврстите столбови на алијансата што по секоја цена сака да го урне режимот на Асад во Сирија) отворено да ја уценува: Јас ќе ги спречам бегалците да одат кон Европа, а Европа ќе ми даде пари, ќе овозможи на Турците без визи да патуваат во Унијата (со што практично е поништен фамозниот шенгенски режим) и повторно ќе ги отвори преговорите за влез на Турција во ЕУ.

И тоа го прави таа иста Ангела Меркел која своевремено беше исклучително против прием на Турција во Унијата. Во тоа време, на Турција која се уште беше модерна секуларна држава (каква што ја замисли Ататурк) во мултикултурална и мултиконфесионална Европа, навистина имаше место.

Но, моќната канцеларка беше против. Денес, кога пред вратата на Европа стои се повеќе исламизирана, а покрај тоа и радикализирана Турција, која објективно иако не и формално, раскрсти со наследството на Ататурк (вклучувајќи го и сонот за обнова на Отоманската Империја), таа иста канцеларка „оди на нога‟ на Ердоган, зголемувајќи ги во значителна мерка изгледите за успех на неговата политичка опција на следните избори, но и отварајќи ја вратата на Европа на голема и економски силна земја во момент кога таа е се подалеку од тие идеали на кои тежнееше Европа.

Па во „отказното писмо‟ во кое еден ден ќе се констатира смртта на Европа, по долга и тешка болест и тој потег на германската канцеларка ќе биде наведен како еден од примерите за фаталниот исход. Но, колку и да е вистина дека Германија е клучна членка на ЕУ, толку е вистина и тоа дека причината за смртта на Европа треба да се бара во самата Европска унија, таква каква што е, т.е. каква што стана.

Па, потоа друга ништо помалку важна причина за смртта на Европа, ќе биде нејзината покажана и докажана неспособност да делува како навистина да е обединета, да делува заеднички. Бегалската криза на светло на денот ја изнесе целата таа слабост, поточно би било да се каже: празна фраза за европското единство, за договарања, наспроти силните состаноци, редовните и вонредните собири на шефови на држави и влади, декларации и изјави.

Со добрата, стара Европа наместо духот на европско заедништво, што ја вклучува и солидарноста на која Ангела Меркел неуспешно се обидуваше да апелира, повторно царува стариот добар национализам. На дневен ред е утврдување на границите, подигнување на огради и ѕидови, затварање во сопствените трла, проповедање (во преносна смисла, но и буквално, при што секако го изземаме папата Франциско), на неможност за соживот и заеднички живот со тие кои се различни.

Парадоксално е дека сето тоа често се случува под слабата заштита на Европа. Бидејќи, како што велат загрижените лицемери, неколку милиони неверници ќе го променат карактерот на континентот. А дали навистина ќе се случи тоа? Во вкупниот број на жители на Европа, тие неколку милиони не би биле ни два отсто од вкупното население, распределени по цела Европа и под услов (а тоа не е никаква нетолеранција!) да се однесуваат во согласност со правилата за однесување и живеење во земјите домаќини.

Што се однесува пак до капацитетот за примање на странци, само Западна Германија (значи, не цела!), своевремено без проблеми прими речиси милион т.н. гастајбартери од поранешната југословенска федерација (а за исто такви гостински работници од низа други земји и да не зборуваме).

Какви се пак капацитетите на Хрватска за прием на бегалците, тоа добро го знаат и власта и опозицијата, бидејќи и едните и другите доживеаја војни во кои се распадна Југославија и сосема сигурно не заборавиле колку бегалци (додуша Хрвати, католици) во тоа време згрижи Хрватска. Да се зборува дека сега Хрватска може да прими најмногу до 5.000 бегалци е жално и срамно.

Но, работите се такви какви што се. САД, чија политика во голема мера кумуваше на се што се случува сега и на кои слабеењето на Европа (што нужно значи и поголема зависност од Вашингтон) им одговараше од многу причини, се држат на страна.

Русија, колку европска, толку и азиска земја, со воениот ангажман во Сирија ја спасува Европа од најрадикалниот облик на исламизмот олицетворен во т.н. Исламска држава, иако многумина тоа не сакаат да го видат, ни да го признаат и иако е вистина дека Русија тука има и свои интереси (примарно заштита на сопствената територија од милитантен исламизам, но и задржување на военото упориште во Сирија).

Па Европа остана препуштена сама на себе. И таква, препуштена сама на себе, почина. Само што таа, со сите пратеници во Европскиот парламент, со сите членови на комисии и претставници, со големиот апарат во Брисел, за тоа се уште не е свесна, па се однесува како да е жива.

За жал, не е свесна. Почина во калта во која пропаѓаат детските нозе на ничија земја меѓу Србија и Хрватска, на оградите од бодликави жици меѓу Унгарија и Србија, односно Хрватска, на оклопните возила на словенечко-хрватската граница, во огнот кој ги голта бегалските кампови во Германија.

Тоа е сликата на денешна Европа, слика која во следните денови може само да се влошува (ако не се случи некое вистинско чудо). Таа слика зборува дека исчезна Европа каква што требаше да биде, таква каква што ја сакавме (барем тие кои знаат што е толеранција, што е соживот, што е богатство на разликите, што е заедништво во знак на Европа).

Таа Европа едноставно почина. Иако таа се уште не го знае тоа.

Би можело да ве интересира

Лавров: Ефектот на „вакцината“ против нацистичкиот „вирус“ на Запад е значително ослабен

Аракчи најави можност за почеток на преговори меѓу Иран и Европа

Трамп: Европа ќе плати висока цена за недоволниот увоз на производи од САД

ВМРО-ДПМНЕ: СДС на патот на Македонија кон Брисел испорача само селфи и лаги

Едно од најголемите вселенски летала на НАСА тргнува на патување од 2,9 милијарди километри

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Во Европа беснеат поплави: Во Романија има мртви, во Чешка евакуирани стотина граѓани