Невладини здруженија за поддршка на босанскиот јазик и култура денеска до Народниот правобранител Иџет Мемети поднесоа две претставки за употреба на босанскиот јазик во државните институции и во образовниот процес.
Професорот Џемаил Бектовиќ, претседател на Бошњачката културна заедница и координатор на бошњачките невладини организации кои ја поддржуваат оваа иницијатива информира дека се залагаат за правилно именување на нивниот мајчин јазик.
– Бараме во државните институции, посебно во МВР кога се издаваат лични документи, граѓаните да имаат можност да изберат босански јазик, а не како што беше досега бошњачки. Националноста е Бошњак, а јазикот е босански, рече Бектовиќ и додаде дека ова барање ќе го достават и до Владата, МВР и ОБСЕ.
Второто барање се однесува на употребата на босанскиот јазик во образовниот систем, односно експерименталната програма по босански јазик која, според нив, трае повеќе од пет години, да се унапреди во редовна настава на босански јазик.
– Бараме во училиштата каде има услови, две во Скопско и едно во Велешко, да се воведе редовна настава на босански јазик и учебниците да се печатат на босански, рече Бектовиќ.
Народниот правобранител Мемети ги прими претставниците на оваа иницијатива и информира дека ќе почне постапка во две насоки, за тоа зошто обрасците во МВР не соодветствуваат со тоа што прописите го овозможуваат и додаде оти ќе ги разгледат условите во образованието.
Подддржувачи на оваа иницијатива се НВО „Еду Ниса“, Бошњачката културна заедница, Здружението на граѓани „Мектеб“, Здружението за култура и образование и одржлив рзавој „Диван“, Асоцијацијата на Бошњаците „Шадрван“ и Здружението на граѓани „Глас на Оризари“ од Оризари.