Англиската верзија на збирката раскази „Човечулец“ на Александар Прокопиев, во превод на Вил Фирт и во издание на лондонскиот „Истрос“, продолжува да ги интригира критичарите и уредниците од англиското говорно подрачје. За неполни пет месеци по објавувањето на книгата, одделни раскази од книгата беа преземени во неколку списанија, а се појавија и низа позитивни критики.
Така, во најновиот број на британското списание „Поем“ е објавен подолгиот расказ „Автобајка“ (под наслов „Once Upon A Prokopiev”)
Критичарот Скот Пак кој го води книгоиздателството „Aadvark Bureau“, специјализирано за преводи на француски наслови на англиски, неодамна во својата рубрика „Јас и моите куси раскази“ го издвои од познатата Dalkey антологијата „Најдобритe европски раскази 2015“ токму расказот „Змиулче“ на Прокопиев.
Во својата препорака, Пак признава дека првпат чита македонски автор и дека сега едвај чека да прочита уште нешто. Според Пак, станува збор за „многу шармантен расказ, со атмосфера на бајка“.
„Човечулец“ ја доби наградата „Балканика“ за 2012 годиина. Досега е преведен на полски, српски, хрватски и англиски, а веќе се потпишани договори за превод за следната година со уште неколку европски издавачи.