Писателот Томислав Османли е меѓу почесните гости поканети на претстојниот КИСУФИМ, 4. биенална Конференција на еврејските прозаисти и поети која од 24-ти до 27 ноември ќе се одржува во културниот центар „Мишкенот Ша’аним“ во Ерусалим.
На книжевниот собир, чиј уметнички директор е истакнатата израелска поетеса Хава Пинхас-Коен, поканети се автори од Израел и од светот кои пишуват на еврејски теми.
Поканата за македонскиот автор следува по повеќекратните меѓународни успеси, објави и афирмации на неговата книга раскази и новели „Светилка за Ханука“ со теми од животот и страдањето на сефардските Евреи во различни средини на Балканот, пред се во Македонија.
Целта на конференцијата е да ја зголеми свесноста за различноста на еврејските литератури, да ги поттикне размената на сознанија и преведувачките напори и да го промовира дијалогот меѓу многуте јазици и култури на еврејското литературно творештво.
Османли ќе настапи на две книжевни читања, со делови од неговата наградена прозна книга. Со оглед дека дел од неа веќе е објавен и на ладино, јазикот на Евреите Сефарди, се очекува делото на нашиот автор во Ерусалим, освен на македонски, да прозвучи и на тој јазик.
Писателите – гости на конференцијата ќе учествуваат и со книжевна творба која покрај на оригиналниот јазик на авторите, ќе биде објавена и во превод на хебрејски. Томислав Османли за превод го испрати својот впечатлив расказ „Базен“ кој се однесува на драмата на собирањетето и депортирањето на македонските Евреи во времето на Втората светска војна раскажана не од гледната точка на жртвата, туку спторивно, од гледната точка на злосторникот.
Конференција на еврејски писатели и поети КИСУФИМ првпат се одржала во 2007 година, а претстојниот ќе биде нејзин четврти собир.