Бегалската криза ќе ја погоди Босна и Херцеговина, а можеби и Црна Гора, доколку Хрватска одлучи да ги затвори границите со Србија и го успори приливот на мигранти од Блискиот Исток кон северозападниот дел на Европската унија, пишува белградскиот весник „Блиц“.
Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ пред неколку дена изјави дека дека Хрватска засега нема да поставува ограда на границата со Србија, но зачестените проблеми на српско-хрватската граница покажуваат дека голем дел од бегалците можат да одлучат да изберат алтернативна рута, додава весникот.
Неколку бегалци од Блискиот Исток беа забележани пред неколку дена во српското планинско одмаралиште Златибор. Шестмината Сиријци раскажале дека целта им е преку БиХ да стигнат до Западот и оти застанале на планината за да се одморат.
Тие биле изненадени кога слушнале дека сместување во апартманите чини 30 евра за ноќевање, по што го продолжиле патот.
– Во кој правец ќе патуваат мигрантите никој не сака да прогнозира, пишува весникот, а неговите соговорници нагласуваат дека сепак тие со сигурност нема да се задржат во Србија, туку ќе го побараат најбрзиот пат кон Западна Европа.