Полската конзервативна партија Право и правда (ПиС) на поранешниот премиер Јарослав Качински се очекува да освои најмногу гласови на парламентарните избори во Полска, што ќе се оддржат в недела, но најверојатно нема да успее да обезбеди мнозинство во Сејмот.
Според анкетата на Агенцијата ТНС, изработена по нарачка на весникот „Газета Виборча“, коалицијата предводена од ПиС ќе освои 32,5 отсто од гласовите, што би и донело околу 200 пратенички места во 460-члениот Долен дом на полскиот Парламент.
Владејачката либарална партија Граѓанска платформа (ПО) на премиерката Ева Копач, според оваа анкета, ужива поддршка на 26,3 проценти од гласачите. што би требало да и обезбеди околу 155 места во Сејмот.
На третото место е десната популистичка партија Кукиз ‘15 на рок пејачот Павел Кукиз. која ужива поддршка на 10,4 отсто од гласачите и се очекува да обезбеди меѓу 40 и 45 мандати.
„Газета Виборча“ оченува дека доколку ваквите резултати се потврдат на неделните избори, Полска ќе се соочи со неизвесен период околу формирањето на идната Влада.
Според весникот, која од двете најголеми партии ќе раководи со идната владина коалиција ќе зависи од тоа колку и кои од помалите партии ќе успеат да го надминат изборниот праг од пет проценти.
Анкетите покажуваат дека шанси за влез во Парламентот имаат уште социјалдемократската коалиција Здружена левица (ЗЛ), социјал-либералната партија Умерени, евроскептичната десничарска партија Коалиција за обнова на републиката – Слобода и надеж (КОРВИН) и центристичката аграрна Полска народна партија (ПСЛ).
Актуелната полска владина коалиција ја сочинуваат Граѓанска платформа на Копач и ПСЛ.