„Со вчерашната одлука на Советот на јавни обвинители за преполување на тимот на Специјалната обвинителка, Македонија наместо да направи исчекор и да излезе, влегува во подлабока политичка криза, и тоа со директно минирање на договорот од Пржино. Вчерашниот чин е директно опструирање на напорите на дел од македонските политички субјекти и меѓународната заедница системот во земјава да се стави во некои нормални демократски и законски рамки, со што дефинитивно станува јасно дека оваа власт нема ниту минимум капацитет да организира слободни и фер избори, ниту пак дека е подготвена за отстапување доколку тоа го бара волјата на мнозинството граѓани.
Прекршувањето на Закот за специјално јавно обвинителство и минирањето на договорот од Пржино само покажува колку Никола Груевски е свесен дека освен себе и фамилијата, во криманалот ги заглавил и партијата и РепубликаМакедонија. Кога се соочи со фактотот дека гонењето на криминалот и корупцијата станува реалност, тој посегна по очајнички мерки, презема чекор карактеристичен за очајник кој по секоја цена се обидува да го одложи своетополитичкото умирање.
Целиот тој мозаик го надополнува и акцијата во Куманово која ја презема македонската полиција со единствена цел да се покријат трагите од валканите раце на Груевски и Ахмети како креатори и извршители на тој валкан чин од мај оваа година, а сликата ја докомплетира и државниот јавен обвинител кој по ромскиот бал кај Амбди Бајрам, по втор пат се појавува во јавноста да соопшти дека бил разочаран од финансиската и кадровска состојба во јавното обвинителство. До вчера како да беше во илегала, ништо не кажуваше иако Македонија веќе подолго време преживува длабока политичка криза со сериозни индиции за серија на кривични дела извршени од властродржците. По одлуката на Советот на јавни обвинители, за јавноста останува нејасен фактот на која основа ги избрале баш овие седум јавни обвинители, а ги дискредитираа останатите седум. Како што е нејасно и според кои критериуми биле избрани на досегашните функции јавните обвинители, кои истиот Совет ги квалификува како неспособни.
Ако многумина до вчераа сметаа дека станува збор за мафијашка структура во власта, по реакциите на Советот на јавни обвинители и нивниот налогодавач, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, станува јасно дека се работи за една профитерска апашка структура која цело време наметнува и води џепарошка финансиска и економска политика во земјава.
Бидејќи менаџирањето на политичка криза беше директно под покровителство на меѓународната заедница, САД и ЕУ, Груевски и владејачката структура со овој чин ги понижија и дискредитираа директно нашите американски и европски партнери и практично покажаа дека не им ниту до НАТО, ниту до ЕУ, туку единствено како да ја спасат својата кожа и своите депозити во домашните и странски банки.
Веруваме дека конечно и меѓународната заедница го виде вистинското, грдо лице на македонската диктатура.
НСДП очекува вистинска реакција од граѓаните на Република Македонија, бизнис секторот и особено од интелектуалната елита, сите заедно да му застанат на пат на ова зло што ја докрајчува Македонија.
Што се однесува до потенцијалот на Специјалниот јавен обвинител со преполовен тим, сметаме дека тоа не мора да биде голем хендикеп од причина што кривичните дела на Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков се толку евидентни. Тие се фатени „инфлагранти“ во извршувањето на кривичните дела, поради штоне е потребно да следи некоја голема и долга постапка за процесирање и формално правно потврдување на нивната вина“, се вели во соопштението на НСДП.