Специјално државно обвинителство од Подгорица издаде налог за апсење на Милош Маровиќ, син на претседателот на некогашната државна заедница Србија и Црна Гора и актуелен директор на Политичкиот совет на црногорската владејачка Демократска партија на социјалистите (ДПС), Светозар Маровиќ.
Како што јави државната Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ), налогот за апсење на Милош Маровиќ е издаден по приведувањето на поранешниот директор на црногорскиот Завод за изградба, Стеван Драговиќ.
Драговиќ, Маровиќ помладиот, како и Марко Вујовиќ, за кого исто така е издаден налог за апсење, се товарат за „злоупотреба на службената положба“ и за „помагање во злоупотреба на службената положба на организиран начин“.
Станува збор за обвиненија поврзани со злоупотреби и корупција во врска со изградбата на трговскиот центар „Плаза“ и уредувањето на плажата Јаз во Будва, со што осомничените ја оштетиле општинската каса за над 10 милиони евра.