Холандската Комисија за воздухопловна безбедност денеска соопшти дека малезискиот авион „Боинг 777“ што се урна на територијата на источна Украина во јули минатата година, бил погоден со ракета „Бук“ од руско производство, но во нејзиниот извештај не се посочува кој е виновен за неговото соборување.
Авионот леташе на редовна линија од Амстердам до Куала Лумпур и во него имаше 298 патници и членови на екипажот, од кои дури 196 беа Холанѓани. Никој не го преживеа падот на „Боингот“.
Во извешатјот, што беше објавен на специјална прес-конференција во воената база „Гилзе Ријен“ во Холандија, се вели дека Комисјата нема овластување да определи виновник за соборувањето на авионот, затоа што така е предвидено со правилата за водење истраги за несреќи во меѓународниот воздушен сообраќај.
Холандската Комисија само заклучила дека ракети „Бук“ имаат и сепаратистите, но и припадниците на украинската армија.
Комисијата констатира дека воздушниот простор над Украина требало да биде затворен, затоа што во време на соборувањето на леталото на територијата на источна Украина се воделе жестоки борби меѓу сепаратистите и владините сили.
Во извештајот се вели дека авионот бил погоден од неговата лева страна, кај пилотската кабина, по што веднаш се прекршил на два дела. Експретите кои работеле на изработката на извештајот сметаат дека патниците веднаш загубиле свест затоа што останале без воздух на висината на која латал „Боингот“.
Во Холандија се води и посебна, криминална истрага за соборувањето на малезискиот авион, чии резултатите се очекуваат во наредните месеци.
Западот и властите во Киев од почетокот вината за соборувањето им ја префрлаат на проруските сепаратисти и на Русија, која ги снабдува со оружје, додека официјална Москва тврди дека „Боингот“ е соборен од украинските сили кои погрешно процениле дека станува збор за руски транспортен авион.
Русија отфрла секаква вина за уривањето на „Боингот“, тврдејќи дека ракетата „Бук“, за која се тврди дека го погодила авионот, веќе десет години не се наоѓа во арсеналот на руската армија.
Уште по објавувањето на делови од извештајот во холандските медиум, претпладнево се огласи руската државна компанија за производство на ракети „Алмаз-Антеи“, која на прес-конференција соопшти дека нејзината истрага за уривањето на малезискиот патнички авион ги негира заклучоците на холандската истрага.
Раководителот на „Алмаз-Антеи“, Јан Новиков на прес-конференцијата не прецизира што содржи холандскиот извештајот, како и дали имал можност да се запознае со него.
– „Алмаз-Антеи“ преку експеримент потврди дека авионот „Боинг“ бил соборен од населеното место Зарошченске, изјави Новиков.
Како што јави ТАСС, на денот на уривањето на авионот Зарошченске бил под контрола на украинските војници.
Новиков исто така рече дека авионот можеби бил соборен со постара верзика на ракета, од она што се претпоставувало досега.
Советникот на главниот конструктор на „Алмаз-Антеи“, Михаил Малишевски соопшти дека по анализа на снимките на комисијата за истрага на несреќата, концернот заклучил дека била уништена не само кабината на авионот, туку и крилото со левиот стабилизатор.