По апсењето на Исмаил Морина во Тирана, човекот кој го предизвика прекинот на натпреварот Србија-Албанија во Белград со пуштање на дронот на стадионот се огласија албанските навивачи кои се закануваат со напад на српската репрезентација.
“Црвените беретки“ и “Герилската единица на Тирана“ преку интернет упатија закани кон албанската полиција со ултиматум кој гласи “ Ослободете го Морина, инаку ќе ги нападнеме српските фудбалери“.
Албанските медиуми објавија два мејла кои биле испратени на адреса на албанската полиција.
-Играме против заколнати непријатели. Веднаш ослободете го Балиста (прекар на Морина) и нашите затворени браќа до 18 часот.Во спротивно, на репрезентативците на Србија кои денеска доаѓаат во Тирана може сешто да им се случи, а тоа ќе биде ваш срам, пише во мејлот на “Герилска единица“.
“Црвените беретки“ исто и пишаа на полицијата.
-Жалиме поради апсењето на Балиста. Веруваме дека во тоа се вмешани кругови од Србија во соработка со Рама. Во градот доаѓаат нашите вечни непријатели и мора да бидат дочекани како што заслужуваат. Ако мислите дека сте презеле доволно мерки за да ги заштитите, се лажете. Ние на светот ќе му покажеме дека сме вистински Албанци и дека никој нема да не гази. Не го заборавивме 14 октомври и нападот од Србите на нашите фудбалери. Да живее Голема Албанија, се наведува во пораката до полицијата.
Исмаил Морина уапсен е изутринава во Тирана поради недозволено поседување на огнено оружје.