ДОМ јавно прашува за чиј бизнис во Карпош се уништува зеленилото? Кои се тие бизнисмени на кои им е ветено дека ќе добијат одобрение за градба на чудовишно високи и големи згради на местото на сегашното зеленило во населбите Карпош4, Карпош3, Тафталиџе, Козле, Трнодол, а веројатно наскоро и во сите преостанати населби?
Скандализирани сме од исходот на вчерашната седница на Советот на општина Карпош, каде што советниците од мнозинството бранеа неодбранливо и застанаа против интересот на своите граѓани, за ДУП-от во Карпош4.
Скандализирани сме и од безумната сеча што се врши во Козле и Трнодол, на опасно лизгаво земјиште каде токму исечените багреми со своите длабоки корени беа безбедносна потпора за куќите од населбата Трнодол. Кој во општина Карпош ќе понесе одговорност ако се случи катастрофа, каква што се случи во Тетово и во помала мера на Водно? Веќе сосем е јасно зошто Владата одбива да го донесе Законот за зеленило иако пред една недела на пратеничко прашање на пратеничката Лилјана Поповска и одговори дека за една недела законот ќе биде во собраниска процедура! За жал тоа беше лажно ветување за чие исполнување пречка се нечии бизниси!