„Претседателот на Народно движење за Македонија, д-р Јанко Бачев, и претседателот на Независниот синдикат на безбедносните структури, Гоце Делчев Тодев, синоќа ги посетија отпуштените професионални војници кои започнаа штрајк со глад пред Собранието на Република Македонија.
Притоа, остана неуспешен обидот на Бачев и Делчев до раните утрински часови да ги разубедат војниците да не започнуваат веднаш штрајк со глад, туку, најпрвин да сочекаат на одговорот од Собранието каде доставија предлог-закон за измени на Законот за служба во АРМ, но, војниците останаа доследни на определбата веднаш да започнат штрајк со глад додека не се реши нивниот статус.
Оттука, НДМ ги повикува претседателот Ѓорге Иванов како врховен командант и премиерот Никола Груевски да не си поигруваат со здравјето на македонските војници и веднаш да најдат решение за нивниот проблем.
Во спротивно, НДМ како партија која во основа се бори за одбрана на македонските национални и државни интереси, ќе преземе поактивна улога за изнаоѓање на решение со сите средства, со цел, да ја отстраниме силната вознемиреност кај македонскиот народ од големиот срам за земјата поради отвореното понижување на своите војници.
Дотолку повеќе, борбата за опстанок и самостојноста на Македонија продолжува и по периодот на стекнувањето на независнота во 1991, заради што на земјата и се потребни патриотски мотивирани војници кои секогаш ќе бидат на браникот на Татковината“, се вели во соопштението на НДМ.