Во издание на „Македоника литера“ излезе од печат романот „Комита“ на македонскиот писател Владимир Плавевски.
Романот е структуиран на пет делови и во него се отсликува амбиентот на македонската мачна реалност во почетокот на 20 век. Главниот лик, комитата Лазар ја посветува својата животна кауза на татковината, а неговиот лик е граден врз реконструкција на вистински настани.
Плавевски е романсиер, раскажувач, драмски писател, фотограф, сценарист и режисер, минатогодишен добитник на наградата „Роман на годината“. Ги објавил книгите со раскази „Играч на фанта“, „Амкање“, „Ловец на самовили“, „Поплава“ и „Вистински приказни“, романите „Цена од Ново Маало“, „Последниот сплавар на Вардар“, „Јадица“, како и книгите „Градител на боговите“, „Папарацо – феномен на денешнината“ и „Фотографија“. Автор е и на драмски дела за тетара, сценарија за телевизиски филмови, играни серии…
Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на ДЛУПУМ, како и на Друштвото на филмските работници на Македонија.
Добитник е на повеќе награди на конкурси за расказ, а учествувал и на голем број групни фотоизложби во Македонија и во странство. Одржал 23 самостојни изложби на уметничка фотографија.