Долниот дом на полскиот Парламент ја ратификуваше вчера техничката спогодба за создавање на база за противракетна одбрана во Реджиково.
Спогодбата ја поддржаа 422 пратеници, тројца беа против, а петмина беа воздржани.
Документот за да стапи во сила треба да биде потпишан од претседателот Анджеј Дуда.
Техничката спогодба е дел од договорот за распоредување во Полска на антибалистички ракети. Со тој договор се уредуваат условите за функционирање на американската база за противракетна одбрана на полска територија.
Изградбата на американската база во Реджиково, во северна Полска треба да почне следната година. Таа по две години треба целосно да биде во употреба и заедно со базата во Романија ќе стане дел од европскиот штит за противракетна одбрана.
Спогодбата меѓу САД и Полска за распоредување на полска територија на ракети пресретнувачи беше потпишана во 2008 година и стапи во сила три години подоцна.